Бугарија прави сé што е во нејзина моќ да прерасне во нова туристичка Мека на Балканот. А, дека тоа í успева, говори фактот што годишно се одмораат на различни дестинации десетици илјади туристи од Чешка, Словачка, Русија, Германија, Англија и Србија. Туристите од поранешниот источен блок се заменети со попрефинети гости од ЕУ.
Несебар
Несебар, град на југоисток во Бугарија, во близина на Бургас, а северен сосед, со кој практично е споен, е Сончев Брег, што пак е најголемо и најпознато летувалиште на бугарското приморје. Несебар претходно бил познат под името Месембрија, пред тоа Менебрија, што говори дека станува збор за долгата историја на ова древно место.
Во современо време, Несебар е главно туристичко одредиште во подрачје со бројни хотели и големиот Сончев брег кој се наоѓа на север. Во неколку прилики бил граница на загрозената Византија и затоа има богата историја. Стариот дел на градот се наоѓа на остров кој во поново време е поврзан со крајбрежјето со рачно изграден насип, и во него се наоѓаат докази од освојувањата на различни цивилизации. Богатството на историски градби биле причина УНЕСКО да го вклучи Несебар во списокот на светското историско наследство во 1983 година. На север од градот е Црното Море со природно убавиот брег. Климатскиот карактер отсекогаш претставувал поволен услов за развој на туризмот. Затоа на територијата на општината се наоѓаат преку 600 хотели со повеќе од 200 000 легла.
Љубителите на добрата капка, имаат на располагање да пробаат убава бугарска ракија, различни бугарски пива по германска рецептура и оригинални, одбрани приморски вина. Не смее да се одбегнат познатите “Манастирска Изба” и “Магаречко млеко”, кои супер се “лизгаат” со морските специјалитети. Ниту забавата не е запоставена во несебарската туристичка понуда. Посетителите можат да уживаат во скијање на вода, едрење, додека похрабрите можат да пробаат да летаат со падобран што го влече глисер. Во вечерните часови вратите ги отвораат многубројните дискотеки и кафеани со етно музика. Од културните манифестации, вреди да се посети забавната “Недела на морето”.
Бургас
Бургас е четврт по големина град во Бугарија, сместен во нејзиниот југоисточен дел. Градот е важно економско и културно место, затоа што претставува голем туристичко – трговски центар на Црното Море. Таму се наоѓа најголемото пристаниште и најоптоварениот аеродром во Бугарија. Според последниот попис, во градот живеат 197 илјади жители. На ова место се наоѓа најдобрата врска со долината на реката Марица, па од дамнина тука постоело пристаниште.
Лежењето на сонце, коцкањето и посетата на баровите на плажите се вообичаени активности. Низ годините Бургас станал омилено место за летување на гости од ширум светот кои се желни за забава и возбудлив ноќен живот. Посетителите велат Бургас е традиција како одењето во војска. Кажуваат дека нема сместување од висока класа, но е убаво и поефтино од околните туристички места. Баровите се отворени секоја ноќ и е погодно место за љубителите на хазардот, затоа што тука не е забрането да се игра комар. Бургас е оддалечен 289 км. од главниот град Софија, 30 км. од Сончев Брег, а на 6,5 км се наоѓа прекрасниот остров Света Анастасија. Иако градот е на рамнина, северно и јужно од него има убаво шумско подрачје. Западно се идиличните бургаски езера кои пружаат мирен престој за целосна релаксација.