Квартетот “Пела” од Словенија утревечер од 20.30 часот ќе ги почести нашите сограѓани со концерт во фоајето на ЦК “Марко Цепенков”. Членовите, предводени од нашинецот Љубен Димкароски, ќе се претстават со македонски песни, со кои ја промовираат земјата низ Европа и светот.
Песните се преобликувани во нови музички алишта со хармонии кои се пријатни за уво и придонесуваат музичкиот мозаик на Македонија да биде побогат.
Гости на вечерта ќе бидат Милан Апостолоски на контраприм и Стеван Димчески на гитара.
“Пела” во Словенија дејствува веќе осум години. Во овој период одржале над 580 целовечерни концерти, на кои освен македонска, пеат и словенечка музика.