ЛЕТ БРОЈ 21 (9)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

Елизабета почувствува слабост во нозете, главата и бучеше. Странецот неверојатно ја привлекуваше. Поминаа часови. Елизабета уморно седеше, слушајќи како во соседната просторија Леонард и Сузана бучно си прикажуваат. Се плашеше да излезе од канцеларијата. На памет í паѓаа такви работи што беше подготвена да излезе преку прозорецот само уште еднаш да не се сретне со него. Се обиде да го пронајде Игор, се разбира безуспешно. Јасно и беше дека ако не сака засекогаш да остане меѓу тие четири ѕида, ќе мора уште еднаш да се соочи со него. Нејзината “загубеност” ја вадеше уште повеќе од такт. Немаше повеќе ниту цигари. Ја излудуваше неговата трпеливост. Поминаа речиси три часа, а тој ја чекаше.

“Треба само малку да се приберам и на тој надуен глупак да му дадам на знаење дека немам време за него”.

Ја префрли чантата преку рамо и изброја до 100 пред да ја отвори вратата. Леонард и Сузана како да не ја забележаа. Толку занесено и живописно разговараа за грчките богови што Елизабета не им изгледаше ниту како дух. Без збор излезе зад себе толку силно, трескајќи ја вратата такашто прозорците се затресоа. Одеше полека, очекувајќи Леонард да ја сопре. Со секој следен чекор напнатоста, бесот и лутината í попуштаа. Стигна до својот автомобил, но никој не ја запре. Се почувствува толку бедно и повредено што мораше да плаче. Како ништо повеќе да не í беше важно. Остави солзите да и го влажнат убавото лице, возејќи на кај дома.

Пред да излезе од автомобилот се погледна во ретровизорот. Изгледаше ужасно. Солзите и оставија траги. Очите í беа празни. Стави очила за сонце и побрза да стигне дома. Качувајќи се по скалите, го бараше клучот во чантата. Се стаписа кога пред  вратата од својот стан го здогледа Леонард како стои со роза во рацете. Клучевите í паднаа. Без збор, тој ги подигна и í ги подаде. Го гледаше преку очилата не верувајќи им на своите очи. Како да престана да дише, како да беше залепена за подот. Дојде преблиску до неа. Во нејзината рака ја стави розата. Нежно ја погали по лицето, ја подигна нејзината брада и само ги допре нејзините усни. Без збор, Леонард замина, оставајќи ја Елизабета и понатаму да стои како залепена за подот, чувствувајќи како неговиот бакнеж í гори на нејзините усни.

Очигледно нерасположена, следното утро влезе во канцеларијата. Насмевката на лицето од Сузана исчезна кога ја виде.

– Откажи сé за денеска. За никого, апсолутно за никого не сум тука.

Сузана само климна со главата и се зафати со работа. Кафето и го однесе во канцеларијата, но не се осмели да ја праша ништо. Елизабета се обидуваше да работи. Пред крајот на работното време, Сузана тактично и понуди третман, но таа незаинтересирано ја одби. Помисли дека “Светилникот” можеби ќе ја спаси, но знаеше дека тоа ќе биде само уште една грешка. Ü требаше сон. И следните неколку дена горе – долу и поминаа во исто расположение. Се отепуваше во работа, обидувајќи се да го отргне од своите мисли. Навечер читаше до бесвест. Практично, го дочекуваше секое следно утро будна, плашејќи се од самата себе, од можната средба со сопствената душа и свест. Нејзиниот бедем само го зацврсти приликата која í се пружи. Требаше да замине на некаков семинар со уште четири свои постари колешки. Требаше собата да ја дели со нив. Прифати без двоумење. Семинарот беше исклучително стручен и обемен што í одеше во прилог. Враќањето дома не í беше тешко. Освежена, но далеку од својата форма, полека си доаѓаше на себе. Во меѓувреме Сузана се ослободила од подарените рози и речиси сé беше како порано… Но… Веќе наголемо почнаа озборувањата и нагодувањата. Елизабета не пропушташе деловен или било каков друг ручек. Почна да оди онаму каде што ќе ја поканеа. Не прескокнуваше ниту една средба, промоција, забава… Тоа се случуваше првпат во нејзината кариера, првпат во животот. Сузана направи неколку безуспешни обиди да ја скрши и отвори. Измислуваше илјадници причини да ја испровоцира нејзината железна рамнодушност, но апсолутно без резултати. Сé беше така додека еден ден не заѕвони “црвениот телефон”.

– Ало, Елизабета, ова ќе биде најлудото нешто што досега си го чула од мене. Се сеќаваш ли на мојата професорка по англиски јазик. Таа што ја запозна на забавата. Нема врска. Знаеш ли што се случи со неа?

– Не.

– Како да ти кажам… се омажи…

– Да, и што е толку битно?!

– Знаеш ли за кого?

– Не, и тоа е последното нешто што денеска би го сторила: да дознаам за кого се омажила твојата професорка .

– Елизабета, па ти не ме сфаќаш сериозно. Не можеш или не сакаш да разбереш.

– Игоре, не си играј, немам ни време, а и не сум расположена за  такви глупости…

– Елизабета…

– Да.

– Јас се оженив !

– Молам ???

Елизабета како да се разбуди. Како некој да ја треснал од земја.

– Игоре,повтори што рече…

– Ха, ха, ха, знаев дека ова ќе те врати меѓу живите. Да Елизабета, јас се оженив. Треба ли да ти кажам за кого ?

– Каде си, од каде ми се јавуваш – го праша Елизабета возбудено.

– Јас сум во “Морската куќа”.

-Чекај ме, доаѓам веднаш.

Премногу возбудена и премногу среќна замина. Игор ја чекаше. Кога го виде блесокот во нејзините очи знаеше дека Елизабета несвесно ги отвори своите порти. Се прегрнаа, а Елизабета неможеше да проговори ниту збор, липаше на глас. Плачеше од среќа, плачеше да ја исплаче својата болка затворена во неа. Кога бурата стивна, држејќи се за рака тргнаа по “Големата плажа”. Во свој стил Игор ја засмејуваше до бесвест, објаснувајќи и како “влегол в тавче”. Беше пресреќна за него и официјално се согласи да му биде кума. Бидејќи свадбата требаше да се организира побрзо, Елизабета презеде с# во свои раце. Уживаше што е дел од сето тоа, ги испланира и најмалите ситници. Свадбата ја закажаа за по десет дена. Случувањата ја навратија на минатото. Беше свесна дека потсвесно уште еднаш ја подготвува својата свадба…

продолжува

Loading