Центарот наголемо се реконструира и разубавува со нови плочки. Се збогатува и со нови споменици. Плоштадот е небаре огледало, а скулптурите на народните херои додаваат шмект на европски град со голема историја. Ама, на неколку чекори зад трговскиот центар, се наоѓа нешто што воопшто не прилега на градските тенденции.
Како што се гледа на сликата, веднаш од убавините на плочникот доаѓа преод од 180 степени – зарастено место со џбунови и којзнае какви диви растенија. Не е исклучено местото на напуштената куќа во распаѓање да е дувло, гуштери и глувци, а можеби и на змии и други инсекти. Ако странците и другите посетители се воодушевуваат на хигиената и урбаниот изглед на центарот, некои наши сограѓани си дозволуваат да го загрозат епитетот за најуреден град во земјава.
Руините не се од вчера. И не се единствени. Ги има и зад градската кафеана и на крстосницата на Булеварот и улицата “Кузман Јосифоски”. Тие не само што ја загрозуваат физиономијата на градот, туку претставуваат и опасност по минувачите, а да не зборуваме за комшиите. Објектите што секој ден се уриваат цигла по цигла, а во кои ноќе се прибираат не само бездомници, туку и сомнителни типови, би требало да се предмет за интервенција и на соодветните комунални служби.
Со последниот случај на одгледување марихуана в центар, ништне е чудно и на овие локации да се појави некој “ендемски вид”, дали див или засаден.