Мини возот на тркала, набавен неодамна, е вистинска атракција за најмладите. Црвено – жолтиот мини “експрес”, накитен со знаменца е претесен да ги превезе на кружната рута најмалите со нивните родители. Двете вагончиња се малку, па на “станиците” се чекаат редови и редови за да се влезе во малото, ама атрактивно превозно средство со кое се предизвикува насмевки и радости.
Со препознатлив и непрекинат ѕвон ги радува и тие внатре, а изнудува емоции и кај повозрасните кои го гледаат веселиот џагор од децата – патници.
Возот веќе стана бренд на Прилеп. Секој ден може да се види “локомотивата” што влече вагончиња. Во сообраќајот возот секогаш има предност, па се потргнуваат и таксистите и другите возачи. Ама нема нервоза, штом ги видат насмеаните лица на децата. Тие пак ги молат родителите за уште една тура по завршеното возење. А мајките и татковците не остануваат имуни на “железното коњче”, па не ретко се сликаат покрај локомотивата.