ГО СМЕНИЛ ШАНЗЕЛИЗЕ ЗА ГРАДСКИОТ СААТ

Небојша Бојаџиев три месеци е француски “човек – пајак” – еден месец прилепски домаќин

Прилепчанецот кој монтира стакла на облакодери во Франција ја пресели фамилијата во родниот град

Човекот кој е роден во Штип, пораснат во Прилеп, младоста ја поминал во Лондон, а работи во Париз е Небојша Бојаџиев. Исклучителен е по тешката работа – мести прозорци на висококатници без оглед на височината.

– Кога ми заврши војниот рок во 1985 година, доста имав слушано за Англија и за западниот начин на живот. На 19 годишна возраст решив да проверам. И не се разочарав. Веднаш најдов работа во Лондон како рецепционер во хотел што го држеше човек од Босна и Херцеговина и добро се сложувавме. Ангажманот кратко ми траеше, затоа што од таа плата не остануваше ништо на страна. Работев како местач на теписи во лондонските пабови и дискотеки. Добро се живееше, а си оставав и некоја фунта за мојата пасија – мотор Кавасаки – се сеќава на почетоците во странство Бојаџиев.

Од земја на небо

Но, ова е само врв од сантата на патешествијата. Во Лондон се запознал со шармантната французинка Северин, која била на усовршување на англискиот јазик. Тоа било љубов на прв поглед. Се забавувале и добро живееле. Тогаш Небојша се префрлил на друг занает – местење на прозорци на големи височини. Но, сé што е добро има крај. Со доаѓањето на Маргарет Тачер на власт, тешка рецесија ја фатила Англија.

– Англија е земја за млади луѓе. Не можам да ги избројам концертите и излегувањата по пабови и дискотеки со другарите и со Северин. Ама кога почна Тачеризмот, со Северин почнавме да размислуваме за заеднички живот, со фамилија. Решивме да се преселиме во Франција, во малото место Вилер Сен Пол, на 50 км од Париз. Првин беше многу тешко за работа, затоа што Французите имаат моќен синдикат. Не дозволуваат вработување без сертификат за работа. Имав искуство во местење на прозорци на висококатници, а немав документ. Се снајдов и преку холандска фирма поработив некој месец колку да имам што да покажам во бирото за вработување. И почнав со работа. Со соодветни машини и со сајли качуваме огромни стакла да ги монтираме на високите стаклени фасади. Со вакуум машина и други помагала се поставуваат од надворешната страна додека “висиме” на кран меѓу облаците, некогаш низ ветер, а другпат низ дожд. Го заборавив моторот и се фокусирав на фамилијата и работата – кажува Бојаџиев, небаре човек – пајак, кој е татко на двете ќерки Марго и Викторија во бракот со Северин.

Тој е заљубен во работата, иако е опасна, трепери во “контактот со небото” на десетици, пак и стотина метри над земјиното тло. Ја распределува годината на три месеци “пентерење” по фасади во Франција, еден месец одмор во Прилеп.

– Предизвикот стана навика и работна обврска, без разлика на ризикот по животот. Стана чувство на исполнетост. Елан ми дава тоа што знам дека дома ме чекаат жена ми и децата да им обезбедам добар живот – вели Бојаџиев со над 20 години искуство во местење на стакла на височини од кои застанува здивот.

Според него, синдикатот на неговата фела – местачи на прозорци –  е како фамилија. Луѓето се познаваат и си помагаат секој  на секого.

– Ако нема ангажман во Париз, ми јавуваат за на друго место. Само да нема денгубење. Станав специјалист за работа на височина. Со француската фирма бев во Саудиска Арабија, Дубаи, Швајцарија, Германија, Шпанија, Швајцарија и Шпанија вели човекот од “височините”.

И Французинката зборува на “ќ”

Во меѓувреме Северин работела во најголемата и најпрестижна париска стоковна куќа како менаџер за нарачка на производи. Одбирала кои “парчиња” облека се достојни за принцезите и кралиците кои доаѓале да пазарат во градот на модата.

– И покрај тоа што овде владее чувство дека Западот е ветена земја, воопшто не е така. Почнуваат да избувнуваат тензии со луѓето од разни националности и вери. Затоа и предложив на Северин дека подобро место за растење деца е мојата родна Македонија, која никогаш не ја заборавив. За да не доживее културен шок, ја “спремав” со неколку одмори во Прилеп да се запознае со пределов. Децата воопшто немаа мака во прилагодувањето со околината. Веднаш си најдоа врсници за игра, па лесно го научија и јазикот. Сега се запишани основно училиште и одлично се снаоѓаат – кажува нашиот Спајдермен – Небојша.

И на Северин не и е лошо. Полека стекнува пријатели преку аеробик и пешачењето со планинарите на Картуш. Го учи македонскиот добро за да стане професорка по француски и англиски што í било нејзина желба.

Loading