Фудбал: В недела градско дерби 11 Октомври – Победа ј.
“Домаќинот” кон прв триумф, “гостинот” во одбрана на врвот
В недела (17 ч.) фудбалот влече внимание. Како ретко кога во минатото, меѓусебе се среќаваат две спортски екипи од градов, фудбалските второлигаши 11 Октомври и Победа јуниор. Само повозрасните се сеќаваат дека пред повеќе од 30 години, во некогашната републичка лига истите ривали одиграа четирипати и сосема очекувано, сите мечеви ги доби Победа.
Раритет на задутрешниот меч е што силите ги одмеруваат две комплет млади екипи. Најискусните одвај надминале над 20 години. Нема “ѕвезди” и сите се со иста амбиција да се покажат со целиот свој талент. Никогаш не играле пред полни трибини, а токму сега е момент и тоа да го доживеат. Првпат ќе се види од кои навивачи имаат поддршка едните, од кои другите.
Тимот на “домаќинот”, 11 Октомври е во непријатна ситуација, бидејќи од стартните две кола освои само бод дома со Новаци (1-1), на гости загуби (3-0) од Маџари, а во купот службено доби со Астибо. Момчињата на Тони Наумоски мора да тргнат кон првиот триумф да не заостанат уште во оваа фаза. Плус и состојбата со финансиите е лоша и гласно се размислува за истапување од лигата. Ако итно нема мерки, можно е да се прекине уште сега, пред дербито.
– Цел град толку долго чека ваков меч. Голема штета да не се појавиме – вели Столе Дунимаглоски, играчот.
Победа јуниор на Златко Петрески зеде силен залет. Прво триумфираше на гости 1-2 кај Охрид, дома го совлада 1-0 и Еуромилк, а во купот со 5-3 на пенали го сруши Работнички. Со максимални шест бода е лидер на табелата, покажувајќи нескриени планови за пласман во првата лига.
Кому неделниот “плен”? Екипите секојдневно, на тренинзите на половина го делат теренот од стадионот “Гоце Делчев”, но задутре нема делба на бодовите. Се најавува беспоштедна борба на екипите кои цело лето си вртеа грб и не одиграа ниту една пријателска средба. Сега нема бегање, директен судир, да се знае кој е главен во Прилеп.
Досегашни мечеви
Пред 10 илјади гледачи
Екипите на 11 Октомври и Победа се сретнале четирипати за бодови. Во сезоната 1978/79 Победа победи со 3-1 и 1-0. Во првенството 1980/81 победите на Победа се поубедливи, 3-0 и 6-0. Најпосетен меч е првиот, кој заврши со 3-1, а стрелци беа Поптрајков за 11 Октомври, Настески, Петрески и Момироски за Победа.
Ова дерби е одиграно пред рекордни 10 илјади гледачи.
Силни состави
11 Октомври: Кебакоски – К. Талески, Б. Наумоски, Момироски, Г. Здравески – Ј. Наумоски, Колески, Дунимаглоски, Наумчески – Шаркоски, М. Радески.
Победа јуниор: Апостоловски – Митревски, Ристевски, Велјановски, Котески – Митрески, Мегленски, Петрески, Чешелкоски – Зојчески, Д. Здравески.