БОРБАТА СЕ ИСПЛАТУВА

Се водела ВООРУЖЕНА борба. Толку многу сме ја слушале оваа реченица. Сме ја слушале на телевизиите, сме ја читале во весниците. Можеби некогаш и сме ја употребиле. Се случува. Човек, многупати, механички ги восприма работите, без да размисли подлабоко. Еве, сега ни падна на ум! ВООРУЖЕНА борба! Дали има овде некаква грешка? Се разбира дека има. Борбата се води со оружје, значи тоа е ОРУЖЕНА борба (војна), а не ВООРУЖЕНА. ВООРУЖЕНА може да биде војската, а не војната. Придавката од именката оружје гласи ОРУЖЕН, ОРУЖЕНА, ОРУЖЕНО и множина ОРУЖЕНИ. Луѓето што ја водат борбата (војната) носат оружје, тие се ВООРУЖЕНИ. Затоа, ОРУЖЕНА војна, а ВООРУЖЕНИ сили, чети, војници.

И ваква ситуација може да не доведе во погрешна насока и да не бидеме свесни дека тоа е грешка. Грешка што ја менува смислата на исказот.

Еве и една друга, слична грешка, која се провлекува некако, незабележливо. Слушаме многупати за невремиња, за град, за направени поголеми штети. Во многу емисии на телевизиите сме слушале, а и во весниците сме читале дека лозарите не сакале или не можеле да ги ОСИГУРААТ лозјата. Тутунарите, исто така, не сакале да ги ОСИГУРААТ тутуните. Сме слушале дека во голем дел учествувала и Владата за да им се помогне на производителите да го ОСИГУРААТ имотот. Сево ова си е во ред. Но, и овде се провлекува, речиси редовно, една грешка. Не треба да се вели ОСИГУРААТ, туку да ги ОСИГУРАТ. Глаголот е од групата И и гласи ОСИГУРА во трето лице еднина и ОСИГУРАТ во трето лице множина. Придавката е ОСИГУРЕН, а именката ОСИГУРЕНИК. Значи, лозјата, тутуните и други посеви треба да се ОСИГУРАТ, а не да се ОСИГУРААТ. Колку често се случува оваа грешка, а сепак, си поминува незабележано. Тоа им се случува и на спикерите и на лекторите и на производителите. Речиси, на сите кои се нашле во ситуација да зборуваат на оваа тема.

Кога веќе почнавме со грешки од ваков вид, ќе приведеме уште една. Кога велиме грешки од ваков вид, мислиме на грешки кои навидум не се тоа, а се провлекуваат редовно на сите медиуми. И ако грешките се божем, ситни, тоа не ги оправдува оние што ги прават. Особено лекторите. Ситни крупни, грешките се грешки.

Во последниве години карактеристично е тоа што во Скопје се изградија и се проширија многу улици. Се изградија широки булевари, нови сообраќајници, мостови. Сме слушнале повеќепати и од повеќе медиуми дека во Скопје се изградиле ШИРОКИ ПРОСТОРНИ улици и булевари. Обичните луѓе, слушателите и читателите можеби нема да ја забележат оваа грешка, но на новинарите, особено на лекторите, не треба тоа да им се случува. ПРОСТОРНИ улици! Не може тоа така. Тоа се изговара и се пишува така, по инерција, без многу да се размислува. Улиците и булеварите може да бидат ПРОСТРАНИ, а не ПРОСТОРНИ. А ние сме го слушале тоа токму така – ШИРОКИ ПРОСТОРНИ улици. Придавката ПРОСТОРЕН се однесува на именката ПРОСТОР. Додека придавката ПРОСТРАН го има значењето на придавката ШИРОК. Од неа е изведена именката ПРОСТРАНСТВО, исто како и придавката ПРОСТРАНСТВЕН. Како што се гледа ПРОСТОРНО и ПРОСТРАНО не е исто, туку, би се рекло, сосема е различно. И така, ПРОСТРАНИ (широки) улици и булевари. Не ПРОСТОРНИ.

Кога работи човек некоја работа каде заработувачката е мала, луѓето велат “Оваа работа не се ИСПЛАТИ”. “Не се ИСПЛАТИ да бидеш просветен работник”. Уште една “ситна” грешка. Ако е мала заработувачката, значи дека таа работа не се ИСПЛАТУВА, а не не се ИСПЛАТИ.

Четириве грешки што ги набележавме се доста чести во медиумите. Тие, така некако, неусетно, се провлекуваат и не им се обрнува некое особено внимание. Таков е случајот со ПРОСТОРНИ улици, таков е случајот со лозарите кои не сакаат да ги ОСИГУРААТ лозјата, таков е случајот и со ВООРУЖЕНАТА борба. А не треба така. Треба да водиме голема борба да не се повторуваат овие грешки. Значи – не ВООРУЖЕНА туку ОРУЖЕНА војна, не ОСИГУРААТ, туку ОСИГУРАТ и не ПРОСТОРНИ, туку ПРОСТРАНИ улици. Сепак, се ИСПЛАТУВА да се води борба за чист јазик.

Благоја Ивчески

Loading