ТИПУВАМ НАЈМАЛКУ ТРЕТО МЕСТО

Ракомет: Маја Нацева, нов пивот во Жито Прилеп

Прекрасно сум примена – вели велешанката

Стигна и седмото засилување за Жито Прилеп, пивотот од велешки Леов бартек, Маја Нацева (25). Доаѓањето малку изненади, бидејќи се одвиваше без врева и најава, туку со куси преговори.

– За два дена одлучив да дојдам, бидејќи понудата е од сериозен, амбициозен клуб. Ги има сите услови за прогрес. Прекрасно сум примена – вели Нацева.

Веќе 14 години е со ракометот. При првите натпревари се определила за позицијата пивот. Придонесува во конкуренцијата со Марија Серафимовска. Не треба да се заборави на надежната Сара Цаневска и отсутната поради повреда, Христина Илиеска.

– Добра е конкуренцијата. Останува да се воигруваме и надополнуваме за успех на целиот тим – смета велешанката.

На прагот е новото суперлигашко првенство. Се форсираат скопските Металург и Вардар, а се отпишуваат останатите. Жито Прилеп создаде имиџ на силен ривал за висок пласман и треба да им докаже на “гигантите” дека ракомет се игра и надвор од метрополата.

– Типувам најмалку на трето место. Металург и Вардар се фаворити на хартија, а на паркетот ќе е вистинската сила – порачува Маја Нацева.

Згаснува Леов

Маја Нацева ја спасува кариерата со доаѓањето во Жито Прилеп, бидејќи досегашниот клуб е пред згаснување. Пет – шест години добро се покажаа во домашното првенство и на европска сцена.

– Толку од Леов бартек. Изгледа ќе се откажат од лигата или ќе настапуваат со младинки – информира Нацева.

Пет контроли

Екипата на Жито Прилеп од вторникот до вечерва е на турнеја во Србија. Тренерот Борче Марковски предвидуваше пет меча, по два со Милениум Белград и Инџија, еден со Наиса Ниш. Истите ривали идната недела ќе возвратат посети во градов. На тест се 17 првотимки, а од новите, покрај Нацева се уште шест: Тања Шалевска (Норвешка), Мери Адамческа (Вардар, Скопје), Ангела Саздова (Овче Поле, Свети Николе), Викторија Мурговска (Гевгелија), Рената Бошковска (Кичево) и Елена Крстевска (Металург јуниор, Скопје).

Loading