ШАРМАНТНАТА БЕРОВЧАНКА

Вообичаено е во пограничните места да се врши меѓусебно влијание на јазиците, да настанува определено мешање. Особено тоа е карактеристично кога станува збор за сродни јазици, како што е македонскиот јазик со српскиот и со бугарскиот. Но, кај нас влијанието на српскиот јазик е мошне големо. Не само во пограничните места, туку насекаде. Причина за тоа е долгогодишното заедничко живеење со Србите, тоа што српскиот јазик е кодифициран многу порано, а и тоа што нашата грижа за јазикот е мошне мала. Би се рекло, дека тоа веќе е национална неодговорност!

Патот нé доведе во Берово. Едно од најоддалечените места од српската граница. Но влијанието, присутно и таму. Како насекаде.

Се најдовме во ситуација кога требаше да испиеме една чашка ракија. Соговорникот ја фали. Вели дека тоа е одлична домашна ШЛИВКА. Не сме сигурни дали сите Беровчани сливовата ракија ја викаат ШЛИВКА или пак човекот сакаше да биде “покултурен”.

Инаку, Берово е познато по производство на сливи. Некогаш (можеби и сега), се произведуваше одлична сливова ракија “Малешевка”. Познавачите велеа дека е поубава од хрватската “Баделка”. А сливите, насекаде во Македонија, па и во Берово се сливи. Но, ете, ракијата е ШЛИВКА. Зошто не СЛИВОВА? Соговорникот ни објаснува дека тоа е ПРЕПЕК. Во Македонија, ракијата се вари, а не се пече. Сливовата ракија обично се вари двапати. Но, никој не ја вика ПРЕВАРЕНА, туку ПРЕПЕЧЕНА. Еве, дури и се создава именка – ПРЕПЕК.

Сливите во Берово навистина се убави. Ракијата уште поубава. Името туѓо! Зошто?

Поводот за овој напис беше една друга масовна појава на која наидовме во Берово. Луѓето љубезни и мошне пријатни. Каде што ќе влеземе, во продавница, во ресторан, насекаде ќе не пречекаат со ИЗВОЛТЕ. Сите, без исклучок. Како да сме во Струмица на пазар. Таму најупотребуваниот збор е – ИЗВОЛТЕ.

Шетаме така низ Берово и размислуваме колку е голема нашата неодговорност за јазикот. Дури и ни се создава непријатно расположение, зашто тоа не е карактеристично само за Берово, тоа е насекаде.

Шетајќи така, наидовме на една трафика со весници. Ајде, си рековме, да купиме еден весник. Продавачката, млада симпатична девојка. Избива од неа ведрина, шарм и некој необичен флуид. Немавме ситни пари. И подадовме на девојката една крупна банкнота. Таа ја зема, ни подава весник и вели: ПОВЕЛЕТЕ.

– Најпосле! – извикавме.

– Што е, за што се работи? – прашува шармантната продавачка.

– Како што? Се сретнавме со многу луѓе, влеговме во многу продавници и насекаде слушаме – ИЗВОЛТЕ, ИЗВОЛТЕ. Еве, најпосле некој да рече – ПОВЕЛЕТЕ.

– А, да, да! И јас многупати велам ИЗВОЛТЕ. Знаете, така е овде малешевски, беровски! – вели девојката шеговито.

– Ама како малешевски? – одговараме.

– ИЗВОЛТЕ, па тоа било малешевски и беровски.

Бидејќи девојката прифати разговор на таа тема, продолживме да разговараме. Ретки се луѓето што би прифатиле ваков разговор. Обично, повеќето, сметаат дека тоа не е воопшто важно. Дури сме се нашле во ситуација, при евентуална забелешка од ваков вид, да бидиме испратени не баш учтиво, па дури и со пцости. Не баш учтиво реагираат и некои лектори кога ќе им се направи некоја забелешка и кога ќе биде повредена нивната суета.

Но, да се вратиме на разговорот со продавачката на весници. Додека разговаравме, таа веќе ги имаше натокмено парите што требаше да ни ги врати. Подавајќи ги, насмеаното лице за момент стана многу сериозно. Вели: “Да, да, имате право. Грешка е тоа. Сите грешиме. Тоа ИЗВОЛТЕ, не е ни беровски ни малешевски. Српско е, српско е”.

Одеднаш лицето одново и се разведри. И се врати шармантната насмевка. Ги држи парите во рацете, ни ги подава и весело, со една блага иронија вели: “Малешевски е ДРЖ”!

Не може човек да не се насмее. Не може шармот и духовитоста на ова девојче да не ти вдахне пријатно расположение.

Добро е што има и такви.

Благоја Ивчески

Loading