СЕ ЗБОГАТУВА ФОТОТЕКАТА ЗА ЧЕНТО

Завод и Музеј

Со нови фотографии од првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, кој почина пред 55 години, се збогатува фототеката на Завод и Музеј. Проектот, кој го реализира историчарот и виш кустос во музејот Рубинчо Белчески, е плод на нужноста од пораст на фондот со фотографски сведоштва за Ченто, бидејќи  Музејот не поседувал доволно во минатото.

– Иако Ченто, целиот живот се залагал за независна Македонија, немавме доволно фотографии од оваа наша истакната личност. Да се запознае животниот пат, консултирав литература за Ченто. Скенирав повеќе фотографии, преку кои се следи животот од младите години, спортските активности, учеството во НОБ, политичкиот живот, до смртта. Заклучив дека Ченто, особено во самостојна и независна Македонија, е присутен преку книги и други публикации, споменици и други уметнички дела. Затоа се наметна потреба да се евидентираат, а и да се направи фото документација. Ќе биде вклучено и признанието што Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија, му го додели на Ченто – највисокото одликување “Орден на Република Македонија” – вели историчарот Белчески.

На соработка е покането и семејството на Ченто, кое несебично ги отстапило фотографиите. Дел се собираат од повеќе музеи во земјата.

– Со ликот на Ченто во 2002 година издадена е поштенска марка, а во 2003 година и јубилејно издание на пригодно кована монета. Веќе располагаме со над 200 фотографии, кои ќе бидат презентирани во каталог, изложба или друг вид на сведоштво за неговото активно учество во создавањето на Македонија – потенцира историчарот.

Општината денеска со свечена академија ќе ја одбележи 110 годишнината од раѓањето на Ченто. Ќе зборуваат градоначалникот Марјан Ристески и д-р Тодор Чепреганов од Институтот за национална историја.

Loading