Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.
ЛЕТ БРОЈ 21 (8)
Тишина. Чудна, дури и непријатна. На Елизабета секундите и се чинеа часови. Сакаше да започне некаков разговор со незнајникот, но ништо паметно не и доаѓаше на ум. Чувствуваше како тој бесрамно ја гледа. Тоа í годеше но и ја нервираше.
– Вие сте овде службено ?
– Аха.
– Често доаѓате?
– Па..да..
– Живеете во Грција …
– Може да се рече.
– Имате брод?
– Аха.
– Правник сте?
– Тоа се забележува.
Се чувствуваше глупаво. Човекот сакаше повеќе да ја гледа отколку да разговара. Почна нервозно да тропка со прстите на масата. За миг погледите им се вкрстија и таа затрепери. Странецот полугласно се насмевна.
– Кажав некој виц – грубо му се обрати.
– Не, јас онака… Не знам дали да ве сметам за срна или за лав…
Го прострела со очите.
– Морам да одам. Се надевам нема да ви биде здодевно додека се врати Игор, имате за што да размислувате. Не чекајќи никаков одговор Елизабета стана и замина. Долго време го чувствуваше неговиот поглед. Средбата со привлечниот странец ја извади од колосекот. Сосема заборави на својата “цветна градина”. За тоа чудо стана свесна кога повторно се врати во канцеларијата.
– Сузана, откри ли кој ја преместил градската цвеќарница кај нас?
– Не, но веројатно Вашите и моите претпоставки се точни…
– На што се должи оваа учтивост?
– Простете, имате гости. Тие се толку… како да кажам… неверојатни, згодни, а богами и опасно привлечни…
Елизабета гледаше како Сузана “се топи”
– Тие? – зачудено ја праша.
– Добро, тој, прошепоти Сузана. Човекот е страшен, каде го најде? Во твојата канцеларија е. Чека речиси цел час. Посетата е приватна – Сузана и намигна и пригушено кикотејќи се, се врати на своето работно место.
– Не можам да поверувам – промрмори Елизабета.
Одеднаш ја фати паника. Отиде во тоалетот. Зјапаше во големото огледало, не знаејќи што да прави. Си ја поправи шминката, ја расчешла густата црна коса, го поправи мини здолништето.”Што бара овде”- мислеше непрестајно. Како плимата и осеката да се судираа во неа. Час си ласкаше самата себе, час ужасно го мразеше. “Овој пат, нема да ме победиш” – си рече, имајќи на ум дека нема да му дозволи така лесно да ја “слизне”, како пред некој час. Премногу сигурна во себе влезе во својата канцеларија. Сé падна во вода кога погледите им се сретнаа.
– Тоа сте вие – повеќе констатира отколку што изненадено праша. Седна на удобната фотелја спроти него. Опкружена со безброј рози изгледаше уште позаводлив. Во очите како да му брануваше морето. Црните кадри совршено му стоеја на неговиот аристократски профил. Десната веѓа му беше поткрената. Широките раменици доаѓаа до потполн израз во неговото сега спортско сино палто. Тесните фармерки ги правеа уште подолги неговите силни мускулести нозе. Носеше патики, а изгледаше елегантно и секси.
– Задоволни… или можеби не – ја праша со чуден сјај во очите.
Елизабета, сфати дека ја “чита” како отворен буквар. Со голем напор ја прифати играта:
– Задоволна од што?
– Веројатно ќе бевте посреќни ако на мое место беше човекот кој толку многу ве сака, што веројатно банкротирал заради вас?!
– Од каде идејата дека розите некој мене ми ги купил?
– Би било голема штета да не е така…
– Тоа не е Ваша работа !
– Во право сте, не е.
Настана тишина. Напната Елизабета почна да чепка по своите фасцикли, надевајќи се дека Леонард ќе сфати, оти има работа. Леонард со задоволство ја посматраше.
– Јас… овај, знаете ако…
– Нема проблем – и рече можам да ве почекам и во канцеларијата на вашата шармантна колешка.
Елизабета поцрвене. Беше бесна и усрамена. Срцето толку силно почна да и бие што се плашеше и тој да не го слуша. И доаѓаше едноставно да пропадне в земја. Сепак успеа да се воздржи, направи полукружно свртување со својата фотелја, зеде здив и не гледајќи го, го праша:
– А за што ќе ме чекате?
– Мислам, персирањето не е повеќе потребно. Сепак иако кратко, би рекол, дека се познаваме доволно… или да бидам попрецизен те познавам доволно да те одведам на вечера… Нели?
Човеков ја излудуваше.
– За вас, 15 минути е доволно време некого “добро” да познавате?!
– Ти пречи ли тоа?
– Да.
– Тогаш навистина имам причина да те чекам. Дај ми повеќе време да те запознаам подобро. Ќе бидам кај Сузана и верувам нема долго да се задржиш – и рече и со насмевка на усните, која Елизабета не ја виде, излезе од нејзината канцеларија.
(продолжува)