Фудбал: Второлигашкиот дебитант прибира нови
Дојдоа Николоски, Тошески и Димовски
По стартниот пораз дома од Миравци (0-1), реакција на второлигашкиот дебитант Корзо. Доведени се уште тројца нови играчи. Тоа се голманот Диме Николоски (Победа јуниор), бранителот Стојанче Димовски (Преспа) и напаѓачот Влатко Тошески (11 Октомври). Претходно пристапија седуммина: Ристески (Победа јуниор), Котески (Осогово Кочани),Ќушкоски (Младост Кривогаштани), Стојкоски (Влазрими Кичево), Тутунџиоски, Митрески (Млекар Мало Коњари) и Касниоски (Големо Коњари). Екипата на тренерот Горан Тодоровски комплетирана оди во второто коло, утре на гости кај тимот на Новаци. Домаќините се среќаваат пак со прилепски ривал, откако во првото коло на гости ремизираа 1-1 кај 11 Октомври.
– Не го познавам Корзо, но знам дека дал отпор на Миравци. Сакаме победа пред своите фанови, но нема да биде лесно – вели Горан Ставревски, играч – тренер на Новаци.
11 Октомври не го оствари планот во првото коло, ремизирајќи со Новаци. Многу шанси не беа искористени, особено во вториот дел. Младите уште треба да “печат”.
– Очекував повеќе. Млади се, но ќе покажат – порачува Тони Наумоски, тренерот.
Во составот на 11 Октомври нема да биде поцрвенетиот стопер и капитен, Дејан Кулески за утрешното гостување кај Маџари.
Победа јуниор по победата 1-2 кај Охрид, игра дома со Еуромилк.
Спонзори оддалеку
Клубовите чекаат помагатели. Се зборува дека од Германија нашинец сака да инвестира во клуб. Други тврдат дека од Австралија се јавил бизнисмен.
Дај боже да има вистина. Кога нема овдешни, нека помагаат тие оддалеку.