ГОРДОСТ ДА СИ ВО УПРАВАТА НА ПОБЕДА

Историја

Дојде време кога тешко се одлучуваат фирмите за спонзорства во спортот, а граѓаните за членство во раководствата. Некогаш беше гордост да си во управата на Победа. Претседателот на клубот беше рамен на градоначалник. Се изменија многу директори, а во таа улога еднаш беше и најпознатиот фризер, Јовица Нешкоски.

– Беше преоден период. Додека најдовме нов претседател, пет – шест месеци се нафатив за прв човек на клубот. Со задоволство бев во управа, секаде низ Југославија нé пречекуваа со респект. Победа беше и остана големо име – вели Нешкоски.

Ден – денеска грижливо ги чува фотографиите за спомен. На една од 1980 е заедно со тренерот Илија Тојагиќ, играчите Слободан Ѓуретиќ, Владо Настески, Рубин Ѓорѓиоски и Јове Магдески. Убаво дотерани се шетаат низ Крагуевац, пред натпреварот со Раднички.

– Имавме живеачка со домаќинот. Не пречекаа со сите почести. Бевме на гроб со цвеќе кај еден фудбалер. Ни кажаа дека им требаат бодовите, се плашат да не ги совладаме. Дозволивме да не победат, пријателството продолжи – се сеќава Нешкоски.

Loading