Од сите знаменитости на Прилеп, како најинтересна за снимање на новиот музички спот, екипата на прилепската фолк пејачката Елена Јовческа ја најде фонтаната пред Центарот за култура.
Со пејачката напред, водоскоците од фонтаната на среде и играорци во народна носија назад, камерманите се трудеа да ја визуелизираат песната на фолкерката. Објективот фати момент кога паднаа првите кадри на спотот. Фонтаната без корито станува заштитен знак на Прилеп. И фонтаната и пејачката се сé повеќе фалени од Македонците кога ќе ги видат раскошните поигрувања на водата, а овојпат збогатена со убавината на интерпретаторката. На Елена í посакуваме убав спот и помасовна експлоатација на фонтаната во филмувани не само музички креации.
Зад Јовческа се минати две години искуство во естрадните води. Дебитира на фестивалот “Охридски трубадури” со песната “Атлантида”. Остави впечаток и затоа е чест гостин кај иселеници во дијаспората. На 23 годишната пејачка во кариерата поддршка í даваат ветераните од фолк естрадата. Снимила неколку песни од кои се издвојуваат “Горда Прилепчанка” и “Мики не си фер” со најмногу “гледања” на Јутуб. Соработува со продукциската куќа BOX production.