РК Прилеп
Се подготвува возобновениот машки ракометен клуб РК Прилеп. На прозивката имаше над 20 играчи, повеќето се млади, а има и искусни. Одлучено е да има два тима.
– Првиот ќе го води Орде Илиески, вториот Страшо Илиески, пионерите Александар Танески, а сите голмани ги обучува Ице Соколоски. Поддржани од општината, веруваме во долгорочниот проект – вели Рубин Седлоски, секретарот на РК Прилеп.
Има познати имиња, кои настапувале во Супер лигата. Тренираат Локвенец, Чолаков, Чадамоски. Знаат дека статусот е аматерски, но ќе дојдат подобри времиња.
– Го очекуваме Когој. Преговараме и со Бозароски. Вратите се отворени да оформиме тим кој достојно ќе го претставува градов – истакнува Седлоски.
Подготовките на Могила се во одлични услови, на патеки и терен со вештачка трева. После се продолжува во арената “Сонце”, во салата “Маркови кули”, додека се отвори училишната на “Ристе Ристески – Ричко”. Планирани се пријателски до првенствениот старт на 15 или 22 септември.