Жетварските работи некогаш беа вистинска кампања за побрзо собирање на житните зрна. Во битката со времето најчесто победува човекот, оти е опремен со механизација за жнеење и транспорт на вреќите со лебно и друго зрно. Не ретко се поделуваше летнината со невремето, кое ќе го турнеше зрното по почвата да се нахранат мравките и глувците, а другпат, зрната уште на класот, ќе станеа храна за птиците.
Додека некои од младите нижеа лете тутун, некои собираа некоја пара, помагајќи во прибирањето на летнината во жетвената кампања. Врзуваа вреќи, собираа слама, помагаа при товарењето и растоварувањето на камионите и тракторите со пченица, јачмен… Заработуваа некоја пара порано да се дотераат од другите, кои ги чекаа парите од предадениот род на тутунот. Некои, дел од сработените летни пари, ги подјадуваа со по некој ден разладување и прошетка во Претор и Охрид. Малку ќе се забавуваа по езерските брегови и на игранките во работничките и младинските одморалишта, колку да осознаат дека покрај зеленото прилепско тутунско поле, има и езерско синило. Други ја чуваа “печалбата” да ја потрошат за “подобрување на студентскиот стандард”, во отсуство на доволно пари за нормален студентски живот.