БЕРБЕРСКИОТ БРИЧ ГО ЗАМЕНИ СО ПРАВИЛНИК ЗА ХТЗ

Нашите во светот: Дејан Арсовски во Сиднеј, Австралија

Едно стрижење беше пет долари, а овде две марки. Либанците го имаа фатено тој бизнис и ја спуштаа цената па морав да се преориентирам

Ножиците за пострижување и берберскиот брич, веќе 15 години прилепчанецот Дејан Арсовски – Арса (38), откако отиде во Сиднеј, Австралија, ги замени со правилници и консултации за заштита при работа. Искуството со муштериите, љубезниот однос и трпението да се исслуша секој и да се биде пријателски настроен кон луѓето кои ги гледа првпат, во голема мера му помогнало да стане успешен менаџер, односно претприемач за работа или советник за популарно нареченото “ХТЗ”.

Во градот под Марковите кули бил бербер кој успевал да извади парче леб од скромното дуќанче  кај ОУ “Кире Гаврилоски”. Го стрижел и градоначалникот Марјан Ристески, кој бил студент на Економскиот факултет и далеку од политичката популарност. Некогашниот фризер на градоначалникот, сега повторно имаше средба со “таткото на градот”. Овојпат како бизнисмен и човек кој е спремен да инвестира на родната грутка.

Ученик за стриг од Јовица фризеро

Се сретнаа на иселеничката средба која беше организирана на фестивалот на пивото и скарата. Наздравија со голтка ладно пиво да се потсетат како било некогаш и како сега Прилеп изледа после деценија нагорен развој.

– Во 2006 г. бев дојден и еве годинава пак во Прилеп. Токму време да ги забележам настанатите промени, откако заминав. До 1998-ма го имав дуќанот и колку толку бев запознат со атмосферата тука. Во 2001 г. забележав едни работи, а сега кога дојдов доста е сменето. Отворени се нови работни места колку што гледам. Интересен го прават Прилеп Пивофестот и другите манифестации. Се видовме со други заминати Македонци. Одлична беше идејата на градоначалникот да седнеме на една маса, да се видиме и да одржуваме контакти – вели Дејан Арсовски.

Корените на Дејан се надвор од Прилеп. Дедо му бил роден во Русија, а баба му во Скопје. Дошле во Прилеп во триесетите години на минатиот век. Мајка му била родена во Велес, а татко му во Фариш.  Живеле кај касарните, па во Бончејца. Мајка му сега живее во Австралија.

Берберскиот занает го научил кај Јовица – фризерот. Прво работел, а после отворил дуќан. Меѓу муштериите во малиот фризерски салон доаѓал и Марјан Ристески.

– Првпат се запознавме на дуќан, како што е и сега пријатен за муабет, отворен и фин. Заживеавме, а беше студент и немаше врска со јавноста. Случајно се запознавме. Воспоставивме добро пријателство, кое продолжи со контактите со брат му Валентин во Австралија. Марјан се стрижеше кратко на 2 цм., па затоа почесто се гледавме – се сеќава Арсовски.

Едукација за ризик од работа на петтиот континент

Во 1998 година го напуштил дуќанот и заминал за Австралија. Сопругата Синди е родена во Австралија. Живеела овде и подолго време се гледале, ама оти имала австралиски пасош заминале за Сиднеј. Имаат две дечиња.

– Преку Океанот првин бев бербер. Но, го сменив занаетот оти не беше исплатлив. Едно стрижење беше пет долари, а овде беше две марки. Либанците го имаа фатено тој бизнис и ја спуштаа цената. Потоа бев магационер во фабрика за витамини и додатоци во исхраната од Македонци. Со растот на компанијата, “растев” и јас. Работев и во други бранши. Пример во секторот за проверка на квалитетот. Кога решив да ја сменам работата, имав искуство со ХТЗ опрема за инциденти итн. Аплицирав за обука, успешен бев во работата. Четири години работам на запознавање на вработените од фирмите со системот за заштита. Ги едуцираме вработените со работните услови и што се очекува од нив додека влезат во колосек – објаснува Арсовски.

Дејан Арсовски – Арса засега не планира да се враќа во родниот град. Но, сака да инвестира дел од своите макотрпно заработени пари во бизнис или недвижнина. Во Австралија се занимава и со фотографија. Снима свадби и прави слики.

ПРИЛЕП Е МНОГУ ЧИСТ ГРАД

Градоначалникот Марјан Ристески меѓу нашинците во светот важи како мошне енергичен човек кој постојано има нови идеи и проекти. 

– Ристески е многу фален како градоначалник за сите промени. Сите го декларираат Прилеп како најчист град во Македонија, со најмногу позитивни промени. Мило ми е што тоа доаѓа од луѓе што не се од Прилеп, но дошле и ги виделе промените – вели Арсовски.

Loading