Започна градбата на влезот во градов
Четири ленти со зелен појас на средината, со модерно и енергетски ефикасно осветлување, а од страните ќе има велосипедски и пешачки патеки за безбедност и разубавување на градот
Двонасочната улица која ќе биде влезот во градов од кај Скопје е по мерка на граѓаните и нивните желби и потреби за современ приод. Наместо познатата слика за влез, во догледно време Прилеп ќе добие европска авенија која ќе личи и приличи за доаѓање во градот кој е уреден и постојано ја менува урбаната приказна на подобро.
На потегот од Лукоил до крстосницата Солидност, авенијата ќе се гради во три фази. Првата опфаќа поставување на инфраструктура и атмосферска канализација со средства од ЈП ВиК во вредност од 60 илјади евра. Потоа се подготвува тендерската документација за избор на фирма што ќе го гради влезот на градот.
– Втората фаза ќе е градба на потегот од Лукоил до Макпетрол, а третата од Макпетрол до крстосницата Солидност. Авенијата ќе заврши со кружен тек. Планирани се четири ленти со зелен појас на средината, со модерно и енергетски ефикасно осветлување, а од страните ќе има велосипедски и пешачки патеки за безбедност и разубавување на градот – вели градоначалникот Марјан Ристески.
Изградбата ќе започне наскоро, за еден до два месеци.
– Со првата транша од кредитот од Светската банка се одобрени средства од околу 600-700 илјади евра, вклучително и нашите средства. Втората транша е 1,1 милион евра. Вкупниот проект со зеленило и осветлување ќе чини два милиони евра. Во втората транша се влезени и други инфраструктурни проекти, како комплетно покривање на Дабничка Река од потегот од Касарните до влезот на градската река. На покриениот канал ќе има детски игралишта, паркинг места за зградите и населението. Дел од парите се за други проекти за развој на градот – вели Ристески.
ЈП ВиК лани постави водоводна мрежа со нови полиетиленски цевки, санирана е фекалната канализација, а сега се поставува атмосферската во должина од 1200 метри.
– Се вградуваат еколошки модерни материјали со полиетиленски цевки и шахти. За дваесетина дена целосно ќе завршат активностите, со што ќе се овозможи понатамошно средување на коловозот – вели Саше Николоски, директор на ЈП ВиК.
Во индустриската зона Прилеп 1
СЕ ТРАСИРА ГЛАВНАТА ПАТНА АРТЕРИЈА
Почнаа градежните работи за пристап во индустриската зона Прилеп 1, што е обврска на Локалната самоуправа за инфраструктурно уредување. Вкупната патна инфраструктура е 2,5 километри. Наскоро ќе се распишат тендерите за градба на внатрешна инфраструктура – водовод, канализација, електрична мрежа, осветлување. Проектот за комплетната инфраструктура изнесува околу 1,5 милиони евра – дел од парите се обезбедени од продажбата на локациите, од комуналиите кои ќе ги платат при градењето фирмите, а остатокот ќе е од буџетот на локалната самоуправа.
Ќе се отворат над 2 илјади нови работни места.
Во тек е и тендерот од страна на Дирекцијата за управување со слободни економски зони, односно технолошко развојни зони, за индустриската зона која ќе се гради во близина на селото Алинци.
Со овие индустриски зони, Прилеп станува најпривлечна општина за инвестирање во Македонија.