ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО ДАВА СИЛА И ХРАБРОСТ НА СИТЕ

Бесплатна објава

Боге и Ѓурѓа Тодороски, одржувачи на манастирскиот комплекс во Могилец

Ктиторот Мире Синадиноски го изградил, откако на Велигден преживеал срцев удар и му се јавило да изгради храм во родното место во Поречието

Во срцето на Порече по долината на Треска, а граничи со полошко гостиварската, крушевската, велешката и кичевската околија, се наоѓа селото Могилец. Ако за Порече, Поречје или Поречието како што е познато, првите асоцијации се Пештерата Пешна, реката Белица, Деви кули, езерото Козјак, за многумина е рај планински, распослан од двете страни на Треска, што мами со свежина и убавина. Порече има богати минато и историја. Цивилизацијата не успеала да ги провне своите урбани “нокти”. Во зелените планински масиви глетката ги активира сите сетила. Се верува дека имало 100-тина цркви и манастири.

Меѓу сите светилишта во чистата богодарувана, природна убавина е и манастирот посветен на синот Божји изграден крај патот Македонски Брод – Самоков во месноста Могилец, на 35 километри од Македонски Брод.

Православниот народ ги градел црквите и манастирите како непобедлив бастион на својата вера, бит и дух. Се подигале светилиштата кога човек е најслаб, болен, беспомошен. Од својот леб, од својот капитал дигна духовен храм нашиот сограѓанин со потекло од Порече Мире Синадиноски. Со богоградбата се вплоти во вечните вредности со дар на црковно богаство кое сведочи за една битка извојувана, за еден животен миг продолжен, оставајќи спомен за навек. Градејќи храм, изградил божји скали, по кои се искачил до небесните духовни богатства и убавини, до племенитоста и мирот.

Со итна помош донесен да го каже местото за црквата

А токму како знак дека само волјата и вербата во Бога, особено во синот Божји го победуваат и најсилниот зол, суден час, сведочи градбата на манастирот кој го подигнал сопственикот на фирмата Пела Транс – ниско градба и на Мак – дрво. Тоа го потврдуваат и домаќините на манастирот, Боге и Ѓурѓа Тодороски. Ѓурѓа му е братучеда на ктиторот Мире.

– Има шест години откако е изградена црквата, а конаците се стари пет години. Се вика Христово Воскресение, оти Мире, по инфарктот, ја направи црквата по сон, ни поголема ни помала. Се завети дека ако преживее, ќе направи црква. Го донесле со брза помош да каже каде да се гради. Претходно биле бавчи. Тој ги купи да направи место за градење. Првин е направен параклисот Света Недела пред повеќе од 10 години по иницијатива на сопруга му Таца, која оттогаш се израдува со уште едно детенце – ја започнува приказната домаќинката Ѓурѓа Тодороска.

И таа е со нарушено здравје. Веќе три години се таму заради здравјето на Ѓурѓа по препорака на докторот да живее на планинско место, оти е оперирана од рак на дојка. 

– Сега сум добра, одам на контроли, имам 56 години. Природава крепи. Собирам мов, печурки, ореви. Од мовта му однесов во Скопје и докторите ми рекоа дека ме држи прашината што ја збирам и вдишувам од мовта – вели Ѓурѓа.

Со сопругот Боге се грижат за манастирскиот комплекс кој се наоѓа на површина од околу 4 декари заедно со паркингот. Работат како пчели. Се грижат за хигиената, за прекрасните цветни аранжмани кои ја збогатуваат глетката. Ги одржуваат манастирските конаци. А љубезноста, ведрината при пречекот се магнетот со кој посетителите се привлекуваат и остануваат подолго од планираното. Неколкуте соби во манастирскиот конак се небаре хотелски. Со сите нишани, со ТВ, ДВД, тоалети. А глетката од чардакот – “пари вреди”.

– Комплексот има четири соби со кујна, трпезарија која збира 150 гости, за Велигден два реда има еден внатре, друг на тераса. Природата и амбиентот е многу убав, долу е Могилечка Река. Доаѓаат луѓе на преспивање во конаците. Има многу посетители кои имале мака, а овде го најдоа чарето – вели Ѓурѓа. 

Три Сведени

Манастирот го посетуваат многу верници намерници.

– На трет ден Велигден е слава, втора слава е Водокрст на 18 јануари кога поп ја крштева водата и од сите села идат по двајца да ја земат и да ја однесат в село. Третата слава е Спасовден. Света Недела исто се слави. Тогаш само доаѓа свештеник и ја пее погачата, а не се збира народ, туку за Велигден кога имаше 700 гости – додава Тодороска.

Боге и Ѓурга и во зима, кога снегот ќе ги покрие планинските врвови, се во манастирскиот комплекс. Убаво им е, оти зимите не се ладни. Боге знае в долж да ја изоди Могилечката река како страстен рибар, демнејќи некоја пастрмка или кркушка.

– Зимно време е потопло. Малку сонце и излегуваме да пиеме кафе надвор до манастирот. Редовно се чисти патот. Има трипати неделно автобуска линија за Прилеп. Зимно време поретко доаѓаат луѓе, освен оние со мака. Преспиваат, а утрото одат во манастирот да го отклучат за здравје. Љубезни сме за гостите – отворени. Се е на дофат, од телевизор, па до мрежа за мобилни – вели Боге Тодороски.

Бројни се посетителите кои виделе себап од манастирот кој го симболизира “вториот живот” на ктиторот Мире Синадиноски.

Света Недела им помогнала и на Муслиманите

Пред црквата Воскресение Христово се наоѓа параклисот посветен на Света Недела, а во кој тече лековита вода позната за илач за разни заболувања. Ја пиеле и се миеле и муслимани и православни.

– Водата е лековита за сите. Внучето ми прозборе на седум години на Света Недела. Видовме себап и спремав ручек на славата. Идат жени што не можат да останат бремени, и наши и муслимани. За сите маки идат. Од внука внуче сега прооде. Од Гостивар и Тетово бараат чаре за децата. Девојче – муслиманче до 15 години не зборувало и прозборело. Муслиманите не влегуваат в црква, а ги прават сите адети – вели Ѓурѓа.

Loading