ТУРНИРИ ГАНА – МЕРИ

Историја

Толку бргу лета времето во 21 век, а значајни настани не се случуваат, така што веќе станаа историја некогашните прочуени ракометни турнири во градов. Името беше “Гана – Мери” во знак на почит и сеќавање кон починатите легендарни играчи и тренери Миодраг Тасески – Ганата и Симон Мерипушкоски – Мериот. Турнири, пријателски средби, а сепак со нетрпение дочекувани со полни трибини на публиката.

Првиот е одржан 1982 година. Учествуваа Тутунски, Дубочица, ИМ Раковица Белград, Југ и Работнички од Скопје. Победник е Дубочица. Интересно е што деветтиот е 1990 година, а десеттиот јубилеен, меѓународен дури по девет години пауза, во 1999! Тогаш настапија: Тутунски, ГАС Килкис Грција, Црвена звезда Белград, Вардар ватсростална Скопје. Прво место е за Т. Комбинат.

Единаесеттиот е последен, наредната 2000 година. Тимовите беа поделени во две групи Т Комбинат, Пролет Скопје, Рудар Костолац Србија од една и Пруле Словенија, Пелистер и Струга во друга. По петти пат пехарот го доби Тутунски со победа над словенечкиот шампион Пруле со 30-24 (13-14). Од 2000 година досега нема турнир 12 години.

– Грев голем. Виновни се тие кои го водеа овој спорт. Струга го одржува турнирот на асфалтно игралиште, во Сињ алкари има со векови, а ние покрај две убави сали ја уништивме традицијата. Мора  поскоро да се обнови турнирот – вели новинарот Миле Талески, хроничар на прилепскиот ракомет.

Првенствата не успеваат да ги привлечат гледачите, мора да се проба со турнири. Пример дека може е хуманитарниот турнир кој ја преполни салата “Сонце” пред неколку месеци.

Loading