Го “извози” своето стариот “воз” од дуќани кај Табана. Бербери, слаткари, сопственици на продавниците за облека, бижутериите и колонијал од поодамна знаеа дека, кај да е, ќе им дојде крајот на нивните мали бизниси, стиснати во продавници. Поголем број се прелоцираа на други места.
Уривањето од одамна беше најавено, ама денот – Д не беше откриен. И тоа се случи. За малку време, работниците, поткрепени со машинерија, лесно излегоа на крај со ниските градби. Останаа да стрчат уште неколку ѕидови.
На сцена стапуваат “секундарните преработувачи на градежен материјал”. Внимателно од рушевините вадат употребливи цигли, керамиди, стакло, стаклена волна од изолацијата и слично. Таман, ќе го дотераат местото за полесно да може да почне со градбата на новиот стнбен објект со деловни простори во приземјето.