“Илија Димоски – ШАТОРО”. Така е насловена книгата. Убаво е кога ќе се појави нова книга. Во конкретниов случај, оригинална е идејата, несекојдневен е поводот. Се е добро, но има една грешка, една граматичка недоследност која е карактеристична во последно време. Илија Димоски – ШАТОРОТ, така се вика човекот за кого е напишана книгата. Има име, презиме и прекар. Ќе цитираме дел од Граматиката на Блаже Конески: “Ако е една општа именка употребена за прекар, таа се членува”. Потоа тој наведува неколку примери – Ордан ПИПЕРКАТА, Лазо МУКАВАТА, Ристо ЛАЖОТ. Токму таков е примерот со името и презимето – Илија Димоски – ШАТОРОТ. Шатор е општа именка и треба да биде членувана – ШАТОРОТ. Во последно време стана обичај, членот во ваквите ситуации, да не биде целосен, да се пишува онака, како што се употребува во локалните говори. Го среќаваме тоа и во книгите и во фирмите па дури и на некролозите. Погрешно е и недоволно јасно останува значењето – Киро ДАНДАРО (т), Димитар Илиоски – МУРАТО (т), па во случајов и со Илија Димоски – ШАТОРО (т). Да го земеме примерот МУРАТО (т). Не е доволно јасно дали е тој МУРАТ и со членот станува МУРАТОТ или едноставно се вика МУРАТО. Во локалните говори може да се користат тие нецелосни членувања (Шаторо, Дандаро), но официјално и во литературни текстови не смее така.
Ќе приведеме еден пример. Во Прилеп, своевремено, познававме едно семејство – ЧУКАЛОВЦИ. Мажот во семејството се викаше Петре ЧУКАЛОТ. Кога ќе поминеше, луѓето велеа: “Еве го ЧУКАЛО”. Го изговараа со нецелосно членување исто како ШАТОРО или ДАНДАРО. Но, кога ќе се рече ЧУКАЛО, не е јасно, дали станува збор за прекар кој гласи ЧУКАЛО или пак за некакво ЧУКАЛО (што чука) или пак е тоа прекарот на Петрета ЧУКАЛОТ. А ако се рече ЧУКАЛОТ, јасно е дека станува збор за неговиот прекар кој гласи ЧУКАЛ.
Постојат општи именки како прекари кои не се членуваат, како што вели Конески: “Доколку именката почнала повеќе да се сфаќа како фамилна ознака или презиме, отколку како прекар”. Тој ги наведува примерите – Никола ФУКАРА, Ѓорѓи СУГАРЕ. Пред повеќе години, во Прилеп живееше човек со ист прекар како оној на Илија Димоски. Но во тој случај именката ШАТОР беше со значење на фамилна ознака. Сите го викаа Тодор ШАТОР, а не ШАТОРО (т). Случајот со Илија Димоски не е таков. Општата именка ШАТОР кај него не претставува некоја фамилна ознака или презиме, туку прекар и затоа треба да биде употребен член – ШАТОРОТ, а не ШАТОР.
Во Граматиката на Конески има наведено и други правила и други примери. Но, во конкретниов случај не ни е целта да одиме во такви широчини. Се задржуваме на овој пример само како повод.
Се извинуваме што повеќепати го споменуваме името на Илија Димоски – ШАТОРОТ. Немаме намера да навредуваме или да омаловажуваме некого или нешто. Се извинуваме и на авторот. Не ни беше намерата да критикуваме некого. Едноставно, сакаме да регистрираме една појава во нашиот јазик. Непожелна појава. Како да се има тенденција тоа да стане норма. А не смее! Локалните говори со своите недоследности, не смее да стануваат норма. Сме разговарале за ваквите грешки и со други луѓе. Мнозина го оправдуваат тоа, зашто, ете, ние така сме велеле. Точно е дека така велиме, но уште поточно е дека не треба така да велиме. Ние често пати сме ги слушале и ги слушаме прекарите КУСИО (т), ЦРНИО (т), ЧАКМАКО (т), СЛАТКАРО (т), КРТО (т) и многу други. Така, во уличниот жаргон, се употребуваат овие прекари. Но, од официјални места или пак во литературни текстови, тоа не смее.
Во последно време постојат многу печатници, многу фирми кои се занимаваат со пишување на некакви текстови. Познавањето на литературниот јазик им е на ниско ниво и затоа се потсилуваат ваквите недоследности. Некои автори (иако доволно едуцирани) свесно одат по таа линија да го применуваат ваквиот начин на пишување, поради некаква, божемна, оригиналност.
Немаат право.
Благоја Ивчески