Сопственичката ќе земела кредит да ги врати парите и да ги обештети туристите
Неколку десетици прилепчани кои требаше да заминат на летување во Шпанија преку аранжманите на туристичката агенција Виаџо ја окупираа агенцијата до утринските часови со барање да им се вратат парите. Тие стравуваат дека ќе спијат по плажите и по улици, дека ќе им бидат побарани плус пари во Палма де Мајорка, откако претходната група имала ноќи по парковите и нови давачки за престој. Дознаваме дека сопственичката ги откажала аранжманите и ветила дека ќе ги врати парите, а несудените патници пријавиле во полиција.
Роднини на туристи кажуваат дека Виаџо заглавила и туристи во Египет. Им праќале пари на децата пак да го платат одморот. Не знаат дали и летот за Македонија ќе им биде пресметан пак.
Неколкумина упорни успеале да вратат дел од платените нереализирани аранжмани.
Роднина на еден од патниците од Шпанија вели неговата блиска платила уште 750 евра да остане во Мајорка, а не на улица. За среќа, успеал да ги врати парите од агенцијата.
Татко на еден патник во Шпанија вели дека после две ноќи по улици, на синот му ставил пари на картичката да ја оконча голготата под “палми” на неговата фамилија, приредена од Виаџо.
– Ни на небо, ни на земја биле син ми со снаата и со мало дете. Агенцијата не ги платила аранжманите. Хотелиерите не ги примале. Им побарале пак да платат. Му пратив уште 1500 евра да го поминат одморот. Којзнае дали ќе имаат пари да се вратат. Им барале уште по околу 280 евра за авионскиот лет. Инаку, извојував некако да ми вратат илјада евра, а плативме над 1400 евра – вели роднината.
Стеван Ацески не добил ваучер за Грција и не сака да патува во “авантура”, поради скептцизмот за организацијата на аранжманите на туристичкиот оператор.
– Ги побарав парите назад и ми рекоа дека ќе ги вратат, откако ќе земеле кредит да ги обештетат сите патници – вели Ацески.
Еден од патниците од претходната група, кој пред неколку дена се вратил од Шпанија, вели дека аранжманот на Виаџо бил нормален и дека се било според договореното.