Ракомет: Жито Прилеп зема залет на подготовките
Од вторник е серијата пријателски средби
Две недели траат подготовките на Жито Прилеп за наредната женска ракометна сезона. Се одработија кондициските тренинзи на Могила и Спортски центар. Се работи и со топка во арената “Сонце”. Нема отсутни, присуствуваат 16 првотимки.
– Одлично се одвива работата според планот. Напорно е, бидејќи времето е жешко, а ние не отстапуваме од потцртаното. Некои тренинзи траат по два ипол часа, колку што треба да се исполнат задачите – вели новиот тренер, битолчанецот Борче Марковски.
Вниманието е свртено кон новите. Вкупно се шест: Рената Бошковска (Кичево), Елена Крстевска (Металург јуниор), Викторија Мурговска (Гевгелија), Ангела Саздова (Овче Поле), повратничките Мери Адамческа (Вардар) и Тања Шалевска (Норвешка). Очигледно е потребно време да се почувствуваат придобивките од новиот состав.
– Младите девојки се вклопуваат во тимот со наша помош. Согледуваме слабости и вежбаме. Дисциплината е на ниво, послушни се и нема пречки – истакнува Марковски.
Првите проверки се наскоро. Од вторник стартува серијата контролни средби. Патувањето е во Србија и Романија. Првите противници се знаат: Наиса Ниш, Милениум Белград, Заечар, Напредак Крушевац, Инџија и други…
– Седум – осум пријателски се добродојдени за искуство. Можно е да продолжиме и во Романија, а очекуваме и реванши во Прилеп – заврши Борче Марковски.
Дојде и Нацева
Во последен миг, стигна и седмото засилување за Жито Прилеп. Таа е пивотот од велешки Леов бартек, Маја Нацева. Совреме се приклучува кон тимот и ќе патува на турнејата во Србија и Романија.
Клубот не ја затвора вратата за нови. Можно е да дојде голманка, трета покрај Дијана Наумоска и Сандра Дурланова.