ЛЕТ БРОЈ 21 (7)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

ЛЕТ БРОЈ 21 (7)

Утредента беше, врнежливо. Елизабета на работа дојде со такси. Возејќи се по стотипат констатира дека прекрасно се чувствува. И беше лесно на душата, а се чувствуваше и како да е преполна со животна сила. Сузана веќе беше пристигната и очигледно  во добро расположение ја очекуваше на самата врата.

– Елизабета, земи многу, многу, воздух и те молам немој да ми се онесвестиш… Го мразам тоа.

Елизабета прашално ја погледна.

– И јас не знам што е ова но влегувај и гледај.

Канцеларијата беше затрупана со рози. Ги имаше во секакви бои и насекаде, на бирото на подот, на каучот…

– Ова е во знак на благодарност од некој наш клиент?

– Не.

– Компензација!?

– Не.

– Добивме туѓа пратка?

– Не.

– …Овие се за мене?

– Да.

– Кој  ги испрати?

– Никој… мислам нема никаква порака.

– И што сега?!

– Па, чии да се прекрасни се и создаваат чудесен мирис. Чувствуваш? Само некако да ги средиме пред некој да не начека вака. Ќе помислат луѓето дека од адвокатска канцеларија сме на правиле цвеќарница.

Елизабета стана свесна како силно трепери. Низ главата и поминаа илјадници нешта. Знаеше дека ова може да го стори само еден човек на светот. Човек по кого страдаше и мислеше дека не постои. Од друга страна, тоа изгледаше апсолутно невозможно. Спокојството, доброто расположение пукна како меур од сапуница. Се чувствуваше повторно повредена. Ја замоли Сузана некако да се снајде со розите, а таа како без глава се стрча кон судот.

До следниот спор имаше уште саат слободно време. Не сакаше да се врати во канцеларијата. Слезе во бифето. Нарача  кафе, сендвич и кисела вода. Растреперено стави една цигара меѓу своите усни кога ноздрите и ги надразни мирис на роза. Се сепна, но во истиот миг го осети силниот предизвикувачки машки парфем на Игор.

– Повелете млада дамо – и се обрати давајќи и роза. Знаеш од каде ја купив. Утрово чув на радио “распродажба на рози”, малку се изненадив, но да знаеш добро си се сетила –  Игор ја задеваше.

– Другар, секоја ти чест. Но, да, знаеш не си фер. Можеше барем да ми кажеш. Кој е типот кој е обземен со тебе…

– Немој, Игоре. И јас сум изненадена…, а ти веројатно можеш да претпоставиш?

– Јас апсолутно ништо не можам да претпоставам. Толку си таинствена. Зошто не го доведе на забавата?

– Отвори се земјо – низ заби процеди Елизабета.

– Сакаш кафе? Јас испив едно, но ќе пијам уште едно. Сакам да ја слушнам приказната…

– Се надевам јакната не ти притребала.

– Која јакна – ја праша Игор зачудено.

– Игоре, не сум  во состојба да се расправам со тебе. Онаа вечер…

Игор ненадејно стана, давајќи му некому знак  да се упати кон нивната маса.

– Нема ни пет минути откако се откажав од денешното чекање. Мислев повторно нема да дојдеш.

Топло се прегрнаа со човекот во темно сив костум.

– Дозволи, Елизабета ова е мојот најдобар пријател Леонард. Леонард, имаш ексклузивна чест: Елизабета, најдобрата другарка и колешка на овој свет.

Се ракуваа. Морници минаа низ телото на Елизабета. Странецот ја маѓепса.

– Јас сум воодушевен – прокоментира гледајќи ја задоволно Елизабета.

– Морам да ти признам дека пред тебе сум загубен Игоре. Човеку како ја собираш оваа цела убавина околу себе. Претпоставувам, најдобрите девојки во градов се твои познанички.

– Пријателка, пријателе, внимавај – го поправи Игор.

– Најдобрата што постои.

Сините очи на Леонард како да ја скенираа. Елизабета поцрвене. Малку збунето почна да си бара запалка низ чантата.

– Дозволи и се обрати Леонард, предвидувајќи ја нејзината намера.

– Благодарам… Вие не сте одовде? -страмежливо  го праша Елизабета, притоа одвај издржувајќи го неговиот директен поглед.

– Што ве натера тоа да ме прашате?

– Простете, не сакав да ве навредам, но како да забележав некаков акцент…

– Ретко кој успева да го забележи. Во право сте. Тоа го нарекувам медитерански призвук. Се јавува обично кога сум импресиониран или возбуден… во случајов и двата услови се исполнети.

Елизабета пак поцрвене. Не сакаше странецот да дознае дека ја вознемирува. Иако неговите очи како директно да í гледаа во душата не се предаваше.

– Грчки – му рече.

– Бидете сто на сто сигурни – рече Леонард чудно насмевнувајќи се.

– Имате некакви блиски контакти со Грција…?

–  Може да се рече.

– Гледам дека се снаоѓате – се вклучи Игор во дијалогот, – набрзо ќе имате вистинска тема за разговор, чувствувам… Само ќе морам малку да ве напуштам. Леонард дај ми 15 минути да ја довршам мојата работа – пред да погледне во часовникот.

 – Бети, ќе внимаваш ли малку на него – не чекајќи одговор, ги удри двајцата по рамениците и брзо замина.

Loading