Гостилница и ноќевалиште Извор
Покрај амбиентот, сопствениците на ресторанот нудат домашни стари јадења
Од пепелта на старата руинирана воденица е никнат ресторанот Извор кај селото Манастирец на петнаесетина километри од Македонски Брод. Стерната камен ладна вода од утробата на планината некогаш ги вртела воденичките камења и пченицата ја мелела во брашно. А денес просторот е облагороден и е прераснат во модерен угостителски објект низ кој течат изворите во прегратките на столетните дрвја на брегот на Треска. И зимата е мека, така што посетителите не се ретки во снежниот амбиент. Со многу гурмански специјалитети на семејството Цветаноски од селото Манастирец веќе десет години го надградува семејниот бизнис, во кој се вклучени сопругите на браќата Владо и Јане, а татко му засега е обезбедување по полноќ. Природата и трудољубивоста се рецептот за постепениот растеж.
– Со фирмата БОКИ 2004 сега располагаме и со неколку соби за ноќевање, но сé е полно до септември. Покрај ресторанот на приземјето и вториот кат и на големата бавча под сенките, нудиме специјалитети со риба и секави други гурмански задоволства, приготвени во автентични рецепти за поднебјето. Најчести посетители се фамилијарни луѓе кои уживаат во околината и бараат селско – домашно – банички со кисело млеко, бакрдан, сукано, разни тави, сушено месо со ориз, туршии, расолница… Сé што им лежи на душата. Доаѓаат од секаде, и Холанѓани, и прилепчани, и… Им стоиме на располагање да минат незаборавни мигови при бегството од горештините, оти овде е Мека за шетање летно време Оние кои ноќеваат им нудиме што ќе посакаат – вели Владо, еден од браќата Цветаноски.
Бизнисот го стартувале во 1999 година со две маси, наливен сок и пластични чаши.
– Првин бевме кафеана со ќебапи и плескавици. Еден роднина предложи да воведеме риба во менито. Од тогаш се смени сé и тргна добро. Дојде нова клиентела во нов амбиент во секое време. Направивме и сала за помали веселби, која веќе станува тесна за гости од секаде – кажува Владо.
Вели дека е мајстор за подготовка на пастрмки. Дневно чисти и готви на различни начини по 30 килограми.
– Сопругите Милена и Габриела прават специјалитети дома, а на сабајле идат овде да исчистат. Имаме идеја да се прошируваме. Сакаме да го зголемиме бројот на леглата за сместување во комплекс за 60 лица и сала. Сакаме да направиме сали за презентации и семинари зошто веќе е изготвен проектот. Најгоре планираме македонски традиционален ресторан со поглед на 250 м2. Сакаме да аплицираме за фондовите за рурален развој од ИПАРД, ама треба голема документација. Ја завршуваме легализацијата, да можеме да гарантираме за да склучиме договор со агенцијата за развој на руралниот туризам – ги открива идеите 34 годишниот Владо.
Два дарежливи извора
Поради двата извора кои излегуваат буквално од ресторанот и кои течат низ камените канали низ салата и терасата, местото го добило името Извор. Од изворите се снабдува со вода целото село Манастирец, во кое живеат околу 200 души.