Душан Нечоски – пензиониран опинчар во Канада
Во Торонто 40 години произведувал опинци за стотици членови на македонските, српските, хрватските, бугарските, грчките културно уметнички друштва, дури и руски чизми
Душан Нечоски има 84 години. Живее во Канада преку 40 години. Пораснал во Прилеп, каде Турчето го научил да биде опинџија и кој му го сменил животот.
– Турчето ме научи и до гроба сум му благодарен за што ми ги пренесе тајните на занаетот, што неговата дарба широкоградо без задршка ми ја даваше, додека не сонував дека ќе имам убав живот од селски производи, дури и куќа да купам во Канада објаснува најдобриот опинџија во Канада.
Вели дека мајсторилакот на изработката на опинци во Канада му одгледал и извадил на вистинскиот пат три деца, од кои сега има девет внуци и еден правнук. Умот му е како срча за годините. Кажува дека заминал од “бес”, во потрага по подобар живот, оти имал и тука убава живеачка. Ама додека правел опинци, потоа додека создавал чевли во кондураџиската задруга и додека продавал мебел во НАМА, сонувал подобар живот. Не го пропуштил повикот на брат му од Канада да замине во белиот свет, не заборавајќи ја старата ука. По година – две си ја зел фамилијата преку Барата.
– Прво работев во фабрика за чевли за градежни работници. Полека, полека почнав да поправам чевли дома, па се префрлив на мојот прв занает – опинчарството. Отворив дуќан во Торонто и сам правев опинци, и тоа многу добри. Во цела Канада ми немаше конкуренција, а гледам дека и овде опинците за извоз фушерски ги прават – вели занаетчијата.
Главни муштерии Срби и Хрвати
Најголеми муштерии биле членовите на културно уметничките друштва.
– Опинците ги правев за играорците. Српски, хрватски, грчки и наши македонски опинци се бараа од кај мене. Друг опинџија немаше. Асолно го испеков занаетот, па од кожата правев секакви видови опинци. Дури и чизми за Украинците, Русите и Полјаците кои се мераклии на нивните козачки корени и познатиот “казачок”. Грците ги носат опинците со карактеристичната пуфка само за парада. Хрватите играат, ама не скокаат многу. Не се навасуваа Србите и Украинците, оти во нивните ора и игри се скока и се прават многу марифетлаци со ногата, а тоа ги троши опинците. Ги продавав по 60 долари, што не се многу пари за тамошниот стандард – објаснува Нечоски.
Само од правење опинци успеал да изгледа три деца и да има убав живот, пристоен за Канаѓанец. Жално е што никој не го продолжува занаетот, а гледа дека тука има и работа и пари. Се чуди зошто сите бараат државна работа, а таа сé помалку ја има. Трн во окото му е рекламата за битолското млеко со девојче кое носи српски опинци.
– Јазикот многу не го знаев, ама работата ја знаев. Луѓето тоа го ценат. Бргу стекнав многу муштерии. Националности не гледав, само опинците да одговараат и да бидат квалитетни. Умешноста е најважна – да се погоди везот, преплетите, да се “подигрува” со кожата. Тешко е да се направат опинци, посебно српските од свинска кожа, со “завиткан клун” поткренат на врвот. На македонските одамна им ја зедов “мерата”, оти се поедноставни. Малку се рекламирав во канадските весници, ама не ми требаше многу пропаганда. Иако веќе 20 години сум во пензија, не одбивам ако ми нарачаат чифт опинци, без оглед на националноста – од искуството кажува Душан, кој додава дека немало саглам опинџија во Македонија, а ни во Канада.
Занает без наследство
Мајсторот за опинци жали што неговите потомци тргнале во други професинални насоки. Синот Живче докторирал за композитор и е познат свирач на хармоника и пијано. Професор е на канадски универзитет. Двете ќерки се вработени во Канада, а сите се родени во Прилеп.
– Моите деца не сакаа ни да слушнат за продолжување на бизнисот со опинци. Најмував привремени работници да изработуваат само дел од опинокот, оти го немаа знаењето да направат едно рало опинци. Сакав да ги вработам, ама тие не сакаа. Бараа некоја градска работа. Можев да вработам дури 30 души – кажува Душан, додавајќи дека опинци не можат да носат деца до четири години, оти ја изобличува ногата, заради тврдиот ѓон и покрај инсистирањето на родителите.
Нема намера да се врати во Македонија, оти и децата и деветте внуци и едно правнуче му се таму. Сега патот го води за Бугарија да види дали му има рамен во изработка на бугарски опинци. Преку море никој не знаел да изработи бугарски опинци.