ГОСТИНОТ Е СВЕТЕЦ ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Кога би се одбирал слоган за туристичката заедница на Босна и Херцеговина, тој би требало да биде – “Добредојдовте во земјата на добрите луѓе”. Сé што ќе видите и доживеете во оваа прекрасна земја не може да се мери со срцето на луѓето кои ја населуваат.

Херцеговците, иако се на глас дека се трговски махери и скржави луѓе, кога еднаш ги прифаќаат гостите, ги третираат како дел од семејството. А Босанците, со својата вечна насмевка и подготвеност на шега, го освојуваат секого од “прва”.

Низ историјата, народите на БиХ ги снаоѓале многу неволји. Но, тие го зачувале духот и спремноста да понудат и почестат најдобро што знаат, па макар тоа било последно во куќата.

Босанските езера, за оние кои црпат енергија од водата

Македонија го има Охрид, Хрватска – Плитвица, Словенија – Блед, а во средината на Балканот се езерата Блидањ и Рамско. Тоа се прекрасни езера со зачувана природа и кристално чиста вода. Таму може да се ловат риби без страв, затоа што водата е првокласна, а рибите не само што се вкусни, туку го задоволуваат и најстрогиот нутриционист. Овие езера биле, се и ќе останат опсесија за секој риболовец.

Но, проѕирната вода е инспирација и за многу уметници. Нејзината вистинска моќ може да се сети на езерото Блидањ во истоимениот национален парк. Летно време е оаза на спокојството, а во зима со полна пареа работи жичницата на скијалиштата.

Грев е да не се споменат и солените езера во Тузла и панонските езера направени во 2003 година, со неолитска населба, солени слапови, спортски терени и многу други содржини.

Во БиХ треба да се посети ајдучката република на Мијат Томиќ. Основана е во 2002 година како симбол на незадоволството од богатите населеници, моментната состојба во политиката, моралот и воопшто во државата. Ова е туристичка атракција која има своја валута (кубур), химна и манифестација Денови на лажговци. На манифестацијата е строго  забрането да доаѓаат политичари како професионални лажговци, кои се надвор од конкуренција.

Босна има и свое море

На излезот од неретванската котлина, патот ве води до Неум. Некогашното популарно летувалиште го платило данокот на социјалистичката урбанизација и бетонизација. Тоа не значи дека тука нема одлична забава. Најдобро е да се дојде на крајот на август, затоа што цените се намалени и турканицата ја снемува.

Се одржува и етно фест – културно уметничка манифестација со голем број на изведувачи кои на неколку дена ќе ја приближат локалната култура на посебно, срдечно ниво.

Мистичен Балкан

Овие предели од дамнина биле крстопат меѓу север и југ и исток и запад. Многу цивилизации оставиле свој белег. Треба да се посети областа Даорсон или како што ја нарекуваат херцеговска Микена. Археолошкиот локалитет Даорсон бил населба на илирското племе Даорси кои биле еленизирани и користеле грчка азбука и граделе како Грците. Во близина е и местото Ошаниќ крај Сточа, кое пак била римска населба и може доста да се научи за начинот на живот на тогашните луѓе и да слушнат мистични приказни од минатото. Се разбира не смеете да ги одминете ни босанските пирамиди на Велико, кои освојуваат над стотина илјади туристи годишно.

Босанска кујна

Можеби најпозната работа во БиХ е кујната. Таа се базира на турското кулинарство, па можете да се проба од најсочната мусака, најдобрите сирења, ликери од овошје и слатко од рози, најдобри ќебапи, слатки баклави и прекрасните туфахии. 

Босанците се познати по питите, а препорака е да вкусите “буреџики” – сочни мали парчиња полнети со месо и прелиени со кисело млеко и сечкан лук. Ако ве понудат со клепи, немојте да се двоумите, туку веднаш прифатете ја понудата, затоа што тоа е босанска верзија на италијанските равиоли, само далеку повкусни. Напомена – употребата на кечап и мајонез со скарата во Босна се смета за “грев”. Со скарата оди кајмак и евентуално толчени пиперки – ништо друго. 

Босна е место за уживање, место за пријатели и за добри луѓе. Текстот е прекраток  да се стават сите споменици, анегдоти и насмевки кои  чекаат штом ја преминете реката Дрина.

Во топлите летни вечери започнуваат спонтано забавите во градовите. Покрај река, сигурни дека ќе дојде некој со гитара, па донесете само шише вино или насмевка наместо влезница. Сé се случува на отворено, само во случајов крај некој котел. Најважно е да се опуштите и да дозволите песната да ве понесе. Дури тогаш ќе научите што е “дерт” и што е “севдах” и како со песна се умира, но се останува жив.

Сигурно ќе се вратите повторно затоа што Босна освојува со песна, дух, вкус и мирис.

Loading