Итната помош ќе ги забрза интервенциите со две нови возила за брза помош. Станува збор за две специјални возила Дачија Логан, набавени за два милиони денари од сопствените извори на Здравствениот дом.
– Новите возила ќе овозможат побрзо да интервенираме. Комплетно се опремени со соодветна техника за експресно пружање брза помош. Возилата располагаат со клима уреди, а потрошувачката на нафта им е минимална. Бараме од Министерството за здравство ангажирање на уште двајца лекари постојните 13, за да бидеме во топ форма за интервенции – вели Иван Танески, директор на Здравствениот дом во Прилеп.
Гоце Јонѕоски, раководителот на Првата помош, очекува лекарските екипи брзо да стигнуваат до местата, оддалечени и по 80 километри, не секаде по асфалт.
Градоначалникот Марјан Ристески најави осовременување на возниот парк на брзата помош со уште две возила од тендерот на Министерството за здравство.
– Во догледно време ќе се гради нов објект за брзата помош во близината на градската болница – рече Ристески.
Брзата помош интервенира и во општините Долнени, Кривогаштани, Крушево, Македонски Брод и граничните предели на Мариово.
Никола Тодоров, министер за здравство
ПОВЕЌЕ ВРАБОТУВАЊА В БОЛНИЦА
Во процедура се повеќе согласности за вработување во болницата, соопшти министерот за здравство Никола Тодор при посетата.
– Има три огласи за вработување на доктори и уште три за среден медицински кадар – рентген техничари. Ќе има уште четири за доктори во итна помош, бидејќи се зајакнуваа службата – рече министерот Никола Тодоров.
Според него, болницата беше една од првите здравствени установи каде се реконструира дограмата и тоалетите. Во Здравствениот дом беше реконструиран системот за парно греење.