ДОМАШНИ ЗАДАЧИ ЗА КОРЗО И 11 ОКТОМВРИ

Фудбал: Викендов стартува Втората лига

В сабота гостува Миравци, в недела Новаци

Викендов почнува новата фудбалска сезона, а за градов интересен е вториот ранг, каде имаме три претставника. Според ждрепката, в сабота (17 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” дебитантот Корзо го пречекува несудениот прволигаш, Миравци. Тимот на Горан Тодоровски одигра пет тест меча (Млади 11 Октомври 4-2, Тиквеш 0-4, Победа 1-1, 11 Октомври 0-2, Братство Житоше 3-0). Засилениот тим со осуммина, голманот Сркески, одбранбените Ристески, Тутунџиоски и Котески, за врска В. Ќушкоски, Стојкоски, Митрески и Касниоски, посакуваат три бода.

– Миравци е звучно име, но ќе играме пред своја публика и нема да разочараме. Ќе даваме максимум за успешен старт – вели Виктор Велкоски, играч на Корзо.

Мобилно е и во довчерашниот прволигаш, 11 Октомври. Одиграни се 11 контролни меча (11 Октомври млади 4-1, Тополчани 6-1, Пелистер 0-3 и 0-1, Тиквеш 3-3, Новаци 0-1, Миравци 2-1, Гостивар 0-2, Братство Житоше 2-1, Новаци 2-1, Корзо 2-0). Нови има петмина: Колески, Б. Наумоски, Момироски, С. Здравески и Наумчески. В недела (17 ч.) дома се чека повратникот Новаци.

– Гостува ривал со кого често играме пријателски. Овојпат претстои тешка борба. Добро е за залет да земеме три бода, што ќе значат самодоверба за младиот состав – смета Тони Наумоски, тренер на 11 Октомври.

Третиот прилепски тим, Победа јуниор, в сабота гостува на Охрид 2004.

Преостанатите двојки се: Руфеја – Врапчиште, Гостивар – Тиквеш, Еуромилк – Маџари, Македонија Ѓ. П. – Баби и Локомотива – Скопје.

Дерби во 3. коло

Ждрепката избегна прилепско дерби на стартот, а во третото коло е големата пресметка. 11 Октомври се судира со Победа јуниор. Во четвртото коло Победа јуниор го чека Корзо, а во десеттото 11 Октомври – Корзо.

Во Купот на 22. август 11 Октомври гостува на Астибо, а Победа ј. е домаќин на Работнички.

Корзо одбива фузија

Нашироко се шпекулира за фузија на Корзо со Кораб. Целта е спас на тимот од Дебар, кој лани отпадна. Во таа варијанта Корзо би бил третолигаш, како лани. Засега нема ништо од понудата.

– Утре стартуваме, попусто не се подготвувавме. Не не интересира никаква фузија – порачуваат од Корзо.

Loading