УГОРЕ ВИСОКО, УДОЛУ ДЛАБОКО

Млади спелеолози во словенечка пештера

– Наш “врв”, поточно длабочина, беше минус 534 метри во пропаста “Брезно при Лашки планини”

Да се спуштиш в пештера, под земја 500 и кусур метри, не е за потценување. Посебно ако пештерата е со канали како лавиринт, човек лесно може да се загуби, па да го фати клаустрофобија и паника. Опасности демнат на секој чекор, од ситни одрони, канали, на кои не им се знае крајот, а да не зборуваме за јажето со кое се спуштаат спелеолозите кое бара скоро акробатска вештина.

Тоа сепак не им смета на младите членови на спелеолошкиот клуб Златоврв, Дарко Неданоски и Марио Андоноски. Напротив, откривањето на мистериите на длабочините на пештерите им претставуваат возбудување, авантура, која им го крева адреналинот. Марио има 16 години и е ученик во СОУ “Орде Чопела”, а повозрасниот колега Дарко има 19 и наученото од СОУ “Ристе Ристе – Ричко” го применува во скицирањето на новооткриените длабочини што ги дарила природата.

Двајцата од мали се интересирале за кампување, ориентација во природа, искачување на стрмни карпи. Ама тоа го правеле аматерски, за нивни ќеф. Кога разбрале дека во градов има клуб кој им нуди опрема и професионална обука за спуштање во пештерските длабочини, не се двоумеле за членство. Без мака ги совладале теоретскиот и практичниот дел на обуката. И тргнале во поход да ги покорат сите пештери во Македонија. Иако прилепскиот Златоврв соработува со сите македонски спелеолошки клубови, сепак постои колегијална конкурентност, кој подолу ќе се симне.

Тука на сцена стапуваат Дарко и Марио – спелеолози приправници. Откако завршиле со премерите на македонските пештери заминале во Словенија, да покажат што знаат и умеат.

– Од 27 јуни до 9 јули посетивме 12 пештери на шестиот балкански спелеолошки камп во Лопатец, Словенија. Секоја беше приказна за себе, затоа што формациите од сталагмити и сталактити, комплетирани со многу краци се задоволство за секој спелеолог. Сепак нашиот “врв”, поточно длабочина беше во пропаста “Брезно при Лашки планини”. Заедно со двајца домаќини се спуштивме на минус 534 метри. Откако влеговме во пештерата, детално ја испитавме, баравме краци и канали и сето тоа го документиравме на крајот со скица која нам ни служи за сатисфакција, а на другите за помош при идно спуштање – вели спелеолошкото дуо.

Се заблагодарија на друштвото “Симон Робич” од Домжале, за позајмената опрема и за логистиката која стоела зад овој голем поход во утробата на земјата. Интересно е што го урнале досегашниот рекорд на Златоврв и се доближиле до државниот рекорд од минус 598 метри од СК Пеони од Скопје. Ова постигнување не е за потценување, имајќи во предвид дека СК Златоврв е клуб со богата историја од преку 70 години.

– Потребно е доста психолошка спремност и смиреност, затоа што во длабочината и мракот лесно доаѓаат стресот и паниката. Смиреноста на живците ја комплетираме со физичка издржливост наместо сила. Тренираме по два – трипати неделно на природно вежбалиште и со кондициони тренинзи. Задолжителна опрема е шлем со ламба, појас, јаже и посебни справи за спуштање и искачување од пештерата. Практика во спелеологијата е да не се слегува соло, па да остане човек сам во провалијата. Оптимален број е тројца спелеози – кажуваат младите ентузијасти, кои потенцираат дека целта на спелеологијата не е само да се спуштиш во пештера и да излезеш, туку треба детално, до милиметар да се обележи должината на секој канал и да се изработи скица – кажуваат младите заљубеници на темнината на пештерите.

Оваа обемна работа на младите спелеолози на почетокот им била здодевна, но како што созревале, така им станувало јасно дека со скицирањето оставаат нешто зад себе, нешто со што ќе се гордеат. Токму затоа не го жалаат времето потрошено на изработка на деталната скица.

– Еднаш имаме останато во пештера цели три дена, без да видиме сонце ниту пак да знаеме што се случува горе. Бевме целосно изолирани од светот, ама не ни пречеше, туку ни причинуваше некое задоволство – завршија Марио и Дарко, ветувајќи дека ќе се трудат да го освојат и македонскиот рекорд.

Се водат со идејата некој ден да влезат во најдлабоката пештера во светот, Крубера во Грузија на минус два и нешто километри под земја.   

Loading