ПОЛОВИНА ВЕК НА СТАДИОН

Кире Иваноски – Балче

На спортските натпревари се ретчат гледачите, но упорните ништо не ги спречува. На првенствени и пријателски и да врне и да вее, секогаш на стадион присутен е Кире Иваноски – Балче. Има 56 години, а веќе 50 “потроши” на фудбал.

– Половина век Победа ми е на срце. Заодив на училиште и појдов на стадион. Виновникот е Кирил Атанасоски – Бикерес. Со другар ми Трајче Чолаков – Таљано, подоцна одличен голман, слушавме како Бикерес давал голови од корнер и сакавме да видиме. Се воодушевувавме на Тренески, Сулејманов, Рамаданов, Бошалевски, Ниниќ. Крстески, Анески, Филиповиќ, Клашев, Ѓорѓиоски, подоцна на наредните генерации – вели Иваноски.

За времето, режимот ја третирал Победа за “забрането овошје”.. оти децата наместо в клупи оделе на фудбал. Како и сите деца, ученици, Кире бегал од училиште на стадион. Сведок е на многу историски натпревари од втората југословенска лига. Негови роднини го спасиле Глигороски од киднапирање во Вардар. Имало солзи и тага кога отпаѓала Победа.

– Првпат се случи 1978 година. Од мака в терен ги исфрлив џакетот и шаторот. Другарите ми ги донесоа дури вечерта. Сега ми е желба да се исфорсира еден градски клуб кон прва лига – порачува Иваноски.

Loading