ПАРНА ЛОКОМОТИВА В ГРАД

Парната локомотива, што повеќе од еден месец стои на железничката станица, а беше користена при снимањето на филмот “До Балчак”, извесно е дека ќе стане градски урбан експонат. Неофицијално, локалните власти  трагаат по простор за поставување на грандиозната машина со огромни димензии, која со години влечела вагони со патници и товар, а за погон, наместо нафта и струја, користела јаглен и дрва. Идејата е интересна за декорирање на градот. Локомотивата не би била само туристичка, туки и градска атракција, зашто ќе сведочи за времето кога возот бил главното средство за превоз, покрај пајтоните и ландоните.

Соодветно место без шини за поставување би било во близина на руинираниот објект кај средното економско училиште, во Корзо маало. Таму се наоѓала старата железничка станица за поаѓање и за доаѓање на композициите возови, влечени од парните локомотиви. Доколку се најде доволно голем плац, сигурно ќе претстои реконструирање на објектот, каде сега се минува на патот кон Паркот на револуцијата. За откривање на погодна површина градските власти ќе побараа стручни консултации.

Прилеп има железничка традиција уште со тесната нестандардна железничка линија, која водела кон селото Плетвар. Според една легенда, пругата била градена по патека на магаре, зашто висинските разлики биле огромни за совладување со пареата на локомотивата. Инженерите ја изградиле да ги поврзува Прилеп и Битола со Скопје и Солун. Во триесеттите години од минатиот век се поставила сегашната делница на широката железничка пруга низ Азот, односно селото Богомила кон Велес.

Loading