НОВИ ПЕЧЕНИ МАКЕДОНЦИ

Кога некои луѓе, некако набрзина, стекнуваат некој повисок социјален статус, богатство, функција и слично, често пати ја употребуваме придавката НОВОПЕЧЕНИ. НОВОПЕЧЕНИ богаташи, НОВОПЕЧЕНИ политичари, НОВОПЕЧЕНИ директори и така за многу примери и во многу случаи.

Што е тоа што нé натера да се позанимаваме со овој збор, кој во себе содржи и определена иронија?

Македонија, како и сите други држави, има спортски репрезентации, речиси од сите спортови – фудбалска репрезентација, ракометна, кошаркарска и така со ред. Ватерполото како спорт, кај нас е застапено од неодамна. Сега имаме и ватерполо репрезентација. Ватерполистите се главно спортисти од другите поранешни југословенски републики кои сега имаат македонски пасош, односно државјанство. Е, за нив би можело да се рече НОВОПЕЧЕНИ Македонци. Но еден наш спортски новинар не вели така. Нели, таа наша репрезентација играше квалификации за учество на Олимписките игри во Лондон, но не успеа да обезбеди пласман. Споменатиот наш новинар, коментирајќи го овој настан, вели: “НОВИТЕ ПЕЧЕНИ МАКЕДОНЦИ нема да играат на Олимписките игри во Лондон”. Замислете – НОВИ ПЕЧЕНИ МАКЕДОНЦИ. Ова, навистина не заслужува коментар и нема да го коментираме. Ќе се префрлиме на друга тема.

Блаже Конески во својата Граматика објаснува за појавата на двојните форми кај некои глаголски придавки. Тоа е редовна појава кај глаголите од минато свршено време. Таму се губи вокалот од општиот дел: БРАН – БЕРЕН, МЛЕН – МЕЛЕН и така натаму. Но, кога се овие глаголи префиксирани, тогаш вообичаена е само пократката форма: НАБРАН, ОДРАН, ЗАКЛАН и слично.

Кај говорот на децата среќаваме да се користи и подолгата (непрепорачливата) форма. Сме слушнале дете кое кажува дека ја береле јаболкницата. Тоа вели дека НАБЕРИЛО најмногу и дека сега јаболкницата е ОБЕРЕНА. Сме слушнале дете кое кажува дека му било интересно да гледа како скока една ЗАКОЛЕНА кокошка. Друго дете кажува дека мајка му го СОМЕЛИЛА кафето. Има многу примери. Пријатно е да се слушаат дечињата кога употребуваат вакви зборови. Тие тоа и не го прават без некоја логика. Тие не го знаат правилото за кое пишува Блаже Конески. Со времето, само од себе, ќе ја почувствуваат логиката и ќе им стане јасно дека не треба да велат ЗАКОЛЕНА, туку ЗАКЛАНА, дека не треба да велат ОБЕРЕНА, туку ОБРАНА, дека не треба СОМЕЛЕНО, туку СОМЛЕНО.

Така е тоа со децата и со нивниот говор. Но еве, среќаваме и новинари кои како да останале во детските години и нивната употреба на ваквите грешки веќе не е симпатична. Еден новинар не информира за некоја истрага што ја води полицијата. Вели дека податоците кои досега биле СОБЕРЕНИ, не биле доволни. Во своето излагање тој употреби и други слични грешки, но успеавме да ја запишеме само оваа. За ваквите случаи не е потребно да се анализираат правилата од Граматиката. Тоа е толку јасно. И неписмен човек би рекол дека податоците се СОБРАНИ, а не СОБЕРЕНИ.

Новинарите кога известуваат за некој настан, обично се повикуваат на некои извори. Често слушаме да се вели дека информациите дошле од неофицијални извори. Слушавме за еден таков случај. Некој човек завлегол во некои матни зделки. Тој бил сопруг на некоја пратеничка. Од податоците а и од контекстот се гледа дека станува збор за неофицијални сознанија. И еве ја изјавата на новинарот. Наместо да рече дека неофицијално, станува збор за сопругот на таа и таа пратеничка, тој вели: “Тој е неофицијален сопруг на пратеничката таа и таа”. Си рековме, дека можеби, станува збор за некаква ненамерна грешка. Но, тој продолжи и понатаму. Ни соопшти дека во тоа бил замешан и друг човек и го спомна неговото име. Не сакаме да го спомнуваме вистинското име на човекот. Ќе избереме едно друго, случајно име. Да речеме дека човекот се викал Јанче. Новинарот, наместо да рече дека неофицијално дознаваме дека човекот се викал Јанче, тој вели: “Неофицијалното име на човекот е Јанче”.

Ете така. Многу неофицијални сознанија и многу официјални грешки.

Благоја Ивчески

Loading