НАД ОЧЕКУВАЊАТА

Шах: ШК Прилеп петти на Државно во Струга

– Освоени ист број бодови со фаворитот Кочани

На 21. Државен екипен шампионат на Македонија во шах, тимот на ШК Прилеп е петти со две победи (4-2 со Кочани, 4,5-1,5 со Карпош), една нерешена (3-3 со Куманово) и три пораза (0,5-5,5 со БМ Кисела Вода, 0-6 од шампионот Алкалоид и 2-4 од Гамбит). Составот Ристе Менкиноски, Душко Стефановски, Тони Кироски, Дејан Ѓорѓиески, Ѓорѓи Котески, Јосип Димитровски, Кире Николоски и Марјан Дамчески, освои пет бода, исто колку четвртото Кочани.

– Задоволни сме од пласманот. Опстанавме и се доближивме до горниот дел од табелата. Стратегијата е секоја година исчекор – вели Кире Николоски, капитенот.

Особено сензационално одекна триумфот над фаворитот Кочани. Победата од 4-2 е извојувана преку победите на Менкиноски со бугарскиот велемајстор, Ерменков, Кироски над Милосиев и Николоски со Ѓорѓиев. Значајни се и двата дуела на кои ремизираа Стефановски со Стаменков и Котески со вториот Бугарин, Гочев.

– Триумф на колективниот дух. Компактноста дојде до израз, повеќе години се подготвувавме заедно. Не пресудија рејтингот и името, туку расположението и упорноста – истакнува Николоски.

Прилепскиот капитен немаше ниеден пораз на петта и шеста табла.

– Низ многу тренинзи формата ја темпирав за првенството. Тешко беше, секој ден имаше партија. На крај добро заврши – смета Кире Николоски.

Loading