Ракомет: Жито Прилеп тргна со подготовки
– Дојдоа Бошковска, Крстевска, Мурговска, Саздова, Шалевска и Адамческа
Во арената “Сонце” почнаа подготовките на Жито Прилеп. На првиот собир имаше 16 ракометарки. На новиот тренер, битолчанецот Борче Марковски, на располагање му се шест нови: Рената Бошковска (Кичево), Елена Крстевска (Металург јуниор), Викторија Мурговска (Гевгелија), Ангела Саздова (Овче Поле), повратничките Мери Адамческа (Вардар) и Тања Шалевска (Норвешка).
– Ќе продолжиме во ист ритам како минатите години. Заминаа неколку, голманката Јаломитеану, крилото Павичевиќ, но со засилувањата и со напорна работа, ќе направиме добар тим – вели тренерот Марковски.
Жито Прилеп доби силен ривал во европскиот КПК, шведскиот Лундагард на мечевите 13 или 14 октомври дома и 20 или 21 октомври на гости. Во минатото штом ќе паднеше далечна дестинација, заради намалување на трошоците, нашите екипи се одлучуваа двете средби да ги играат на гости. Во Жито Прилеп отфрлаат таква опција, поддржани од спонзорот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
– Попусто не се пријавуваме во Европа. Веќе контактираме со противничкиот клуб. Сметам дека најдобро е како што е ждрепката, првиот меч дома, вториот таму – категоричен е Звонко Јанков, потпретседателот.
Подготовките прво ќе се одвиваат во градов, а серијата тест мечеви е во Србија со Јагодина, Инџија, Милениум, Наиса, екипи кои ќе дојдат на реванши во Прилеп.