Марија Куне, пејачка во данската група ,,Kynnes Kabale,,
Марија Куне е Данка, фронтмен на групата “Kynnes Kabale”, формирана во 2009 година. Првпат дојде во Македонија и во Прилеп, каде со другите членови имаа инспиративен концерт. Ја запеа дури и “Море сокол пие …”. Ја проучува македонската етно музика оти пеењето е доста сложено, со чудни ритми.
– Се восхитив и длабоко се трогнав кога првпат слушав македонска музика. Затоа ја проучувам македонската песна, но и етно музиката на овие простори. Таа допира длабоко во моето срце. Исполнета сум со посебни чувства кога ја слушам, а кога ја пеам “Море сокол пие”, многу сум среќна – вели пејачката, која воедно е и текстописец.
Со бендот исполнува музика од различни етнички музички култури, доближувајќи им ги на Данците различните музички стилови.
– Нашиот деби албум ,,Hvidovrevej,, од лани е одлично прифатен. Низ Европа го презентираме автентично, но некаде го прилагодуваме – објаснува Куне, која не го криеше задоволството што дојде во Прилеп и што концертот беше поздравен со аплаузи.