ЛЕТ БРОЈ 21 (6)

Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

ЛЕТ БРОЈ 21 (6)

Сузана не ја остави Елизабета, ниту набрзана да скокне до дома. Речиси ја свлечка со себе започнувајќи го своето специјално третирање:

– Најбитен е ручекот. Одиме во еден супер италијански ресторан добро да уживаме во храната, без да се мисли на калориите. Ќе ги потрошиме до последниот грам , немој да се плашиш.

Ресторанот беше прекрасен. Елизабета  првпат доаѓаше тука, што не би се рекло за Сузана. Послугата се вртеше околу нив. Се сместија во едно мало мошне интимно сепаре, далеку од љубопитните погледи. Сузана, на нејзино изненадување, храната ја нарача на извонреден италијански, така што се додека келнерите не ја пренатрупаа нивната трпезата со најразлични јадења, Елизабета, не знаеше што се ќе мора да јаде.

– Нема шанси ова да го платиме, а камоли да го изедеме – констатира Елизабета.

– Не се нервирај, кога можам ова да си го дозволам, можеш и ти. Впрочем,  јас те честам. Ќе бидеш запрепастена кога ќе видиш дека е неверојатно вкусно и ужасно евтино. Ако не сакаш уште трипати по толку, ќе мораш да јадеш. Само момент, Елизабета, пред да почнеме уште нешто.

Се обѕрна и извика:

– Вистинската храна не е ништо без вистинско вино. Ќе се водушевиш. Ова е најдоброто црно вино на светот.

Келнерот им ги наполни до половина чашите и им посака пријатен ручек, а Елизабета се преплаши од количеството храна што требаше да ја јаде.

– Првин да наздравиме за нашиот третман. Внимавај  само една голтка.

Без приговор Елизабета ги следеше упатствата. Почувствува како виното и се впива во вените. Уживаа во ручекот, разговарајќи и смеејќи се.

– Госпоѓице Елизабета – и се обрати весело Сузана – има ли нешто што не дојадовме…       

Елизабета како да не им веруваше на своите очи.

– Морам да признам. Беше повеќе од вкусно. Би можеле уште по една чаша вино…

– А, не. Уште едно шише, но тоа ќе го понесеме со себе.

Келнерот донесе уште едно шише вино. Платија и заминаа. Елизабета мислеше дека следната станица е некој добар модно-рекреативен салон. Со полуотворени очи следеше каде одат. Се зачуди кога сфати дека го напуштаат градот.

– Каде одиме – праша.

– Уживај. Ова е вториот дел од третманот “а-ла Сузана” .

– Јас мислев…

– Подобро ништо не мисли, сé препушти ми мене. Се договоривме… Ако поставуваш излишни прашања, ти ќе возиш !

Елизабета немо ги крена рамениците во знак на согласност и покорност. Гледаше низ прозорецот. Не можеше да го види пламенот кој гореше во очите на Сузана.

По 15- минутно возење Сузана задоволно објави:

– Стигнавме…

– Има козметички салон во светилникот???

– Елизабета, јас не ти реков “стигнавме во козметички салон”, туку само  СТИГНАВМЕ. Ајде, соблечи ги чевлите и побрзај. Најубаво е пред да се стемни.

– Не знам зошто, но ова веќе ми се допаѓа…

Боси, двете потрчаа по мермерните скали на светилникот. Речиси беше мрак. Сивилото што го обвиткуваше копното и морето. Беше како сребрена прашина која бавно се распрскуваше во морските бранови. Сонцето изгледаше како тивок оган пред згаснување. Овде-онде се засилуваше некој зрак, кој, како за миг, двоумејќи се, сепак, длабоко се нурнуваше во морскиот хоризонт.       Потпрени на оградата и двете уживаа во глетката. Гледаа како умира уште еден ден. Гледаа како се раѓа ноќта. На небото, никнуваа ѕвездите како печурки. Се одѕва и светилникот. За миг како сé да поцрвене, а потоа само одблесоците на црвеното светло ја брануваа водата.

– Прекрасно. Толку време, апсолутно целиот свој живот сум овде и не ми паднало на памет да дојдам на светилникот – прошепоти Елизабета, палејќи цигара.

– Колку ли вакви места има околу?

– Веројатно повеќе отколку што можеш да замислиш, Бети. Ова е само едно. Станува студено, ајде да се качиме најгоре, во стакларникот е  прекрасно.

Како да се искачија на врвот од светот. Сега низ стаклото имаа уште подобар видик. Сузана  како дома, пронајде столчиња, картонска кутија, чаши.

– Мислам дека ништо нема да ни недостасува, освен телевизор и телефон.

– Сузана, што сакаш да сториш. Ова е прекрасно, само не знам на што целиш.

– Па ти сакаше само да се чувствуваш добро, нели? Ако е така, значи целта е постигната. Седи и уживај. Сузана го отвори шишето со вино и наздрави:

– За нашето одлично чувствување сега, овде и засекогаш.

Извесно време и двете молчеа. Прва прозбори Елизабета.

– Правиш малку да се срамам од тебе?

– Но, нема зошто…

– Има, на некој начин јас те излажив или не ти ја кажав вистината…

– Претпоставувам тоа е нешто околу твојот братучед?

Елизабета потскокна.

– Ти знаеш ?

– Не,не – одрече жестоко Сузана, само беше малку сомнителна, чудна, таинствена… помислив можеби…

– Ова што сега ќе ти го кажам ни на сон не би го помислила.

Елизабета уште еднаш ја раскажа својата животна огласна приказна.

– И, што велиш – ја праша накрај.

– Нема да се лутиш?

– Нема.

– Ветуваш?

– Ветувам!

Сузана почна да се смее, а Елизабета ја гледаше со ширум отворени очи. Наеднаш и нејзе приказната и се пристори неверојатно смешна. Почна да се смее и таа.

– Ова е веројатно од виното – смеејќи се, се правдаше Сузана.

– Ова е најсмешното нешто што сум го слушнала од тебе…

Се смееја до бесвест. На секој обид да престанат, смеењето само се засилуваше.

– Ова нема крај – викаше, смеејќи се Елизабета – да се натпреваруваме до автомобилот…

Речиси истовремено пристигнаа. Седнаа мртви уморни од трчањето и смеењето.

Продолжува

Loading