РЕНОВИРАНО РОДНОКРАЈНОТО ОДДЕЛЕНИЕ

Градска библиотека “Борка Талески”

Реновирано е роднокрајното одделение во Библиотеката, кое има посебно место во организациската структура. Тоа претставува простор за изложување дела од прилепски автори или автори кои не потекнуваат од Прилеп, но пишуваат за Прилеп и за неговите културно – историски вредности. Катчето е триесетина квадратни метри. Изложена е литература од  над 2820 монографски публикации. Се чуваат изданија на најпознатите и најголеми писатели како што се Марко Цепенков, Стале Попов, Блаже Конески, Коле Чашуле, Миле Попоски, Платнар, Трајче Крстески, Петре Башески, Селчанец, Тони Павлески, како и дела од многу други прилепски дејци од сите области на културата, уметноста и науката – вели директорот Петар Петрески.

Најстара книга е монографијата од српскиот автор Јован Хаџи – Васиљевиќ, “Прилеп и неговата околина”, издадена во Белград во 1902 година. Се чуваат и оригинални ракописи од познати прилепски и македонски писатели, ретки документи, фотографии, магистерски и докторски дисертации и разновиден печат (покани, плакати и сл.)

За реновирањето на одделението, Библиотеката вложи над 200 илјади денари од сопствени извори.

– Набавени се осум витрини, маси, столови, фотелји, нови теписони. Сменето е осветлувањето и комплетно се молерисани ѕидовите. Планираме постепена дигитализација на голем дел од книжниот фонд на одделението, со што на нашите читатели ќе им бидат достапни многу интересни и ретки наслови во кои се пишува за Прилеп и прилепчани – додава Петрески.

Инаку, при крај се подготовките за печатење на зборникот Поетско Маркукуле 2011, кој ќе се промовира на годинашната манифестација “Поетско маркукуле 2012”,  на 10 август.

Loading