РАЧНА БЕРБА НА ТУТУНОТ ОД ДАМНИНА

Се олеснува обработката на тутунот со повеќе технички помагала. Тутунот речиси не се сади со колче, туку со машина. Нижењето повеќе не е здодевно со часови, еден по еден лист, туку се ниже со машина. Заборавена е и мотиката за копањето. Оваа операција се прави со мал трактор или грибло. Исчезнаа и магарињата за носење вода во буриња за полевање. Остануваат само по сликите овие вредни животни, кои се одгледувале за носење товар, за пренесување на полни кошеви тутун од нивите до домовите. Сега ретко може да се забележат да ја “бркаат” некогашната работа. Ги заменија автомобилите, количките, мотоциклите, а водата доаѓа до нивите со цевки од хидросистемот.

Единствена мануелна фаза од обработката на тутунот што не се менува е сушењето на сонце на рамки и скелиња и бербата.

Велат дека некаде тутунот се бере со машина. Кај нас уште раката е најдобриот алат за берење. Стручнаците и умешните трговци не успеаја да пронајдат и да донесат машина за берење. Мачното берење е исто со векови. Само што новите сорти тутуни не “бараат” берба во мугрите пред роса, да не се лепат листовите и полесно да се откинуваат од стеблата, туку оваа некогаш утринска работа, сега може да се врши денски, подоцна, а и попладне.   

Loading