Фудбал: Пробив на Зоран Даноски во Чешка
На пријателските летово е најдобар стрелец
Фудбалскиот интернационалец, Зоран Даноски – Шукер (21) одлично се адаптира во новата средина, чешкиот прволигаш, Прибрам. И во поголемиот клуб е главен стрелец, како во второлигашот Бањик Мост. Летово се покажува на пријателските. Одигра осум од деветте, постигна три гола и го сврти вниманието. Чешките медиуми опширно го претставија. Изнадавав второлигашки голови и редно е да се пробам скалило погоре. Го оправдувам договорот од три години – вели Даноски. Приврзаниците на Прибрам забележуваат како нискиот по раст може да прави збрка во противничкиот шеснаесетник, дури и да погодува со глава. Затоа, редовно е во стартната постава на тренерот Франт Копач, покрај ланскиот голгетер Мартин Шлапак.
– Одлики ми се техника и брзина. Силна е конкуренцијата за место во нападот. Работам максимално. Верувам дека клубот може подобро од ланското деветто место – подвлекува Даноски.
Тој потекнува од школата на Победа. Играше за Кожуф и Беласица.
Малку “легионери”
Колку е паднат спортот, репер е бројот спортисти во странство. “Легионери” има помалку. Од ракометарите, во најголем клуб, игра Горан Кузманоски, во Одорхеи, Романија, Даниел Дупјачанец беше во Косово, Филип Ангеловски во Грција, сестрите Андријана и Матилда Атанасоски во Германија.
Од фудбалерите, “сосед” на Даноски е голманот Дарко Тофилоски, на голот од Кошице, Словачка.