Петар Грашо
Не размислувам кога пишувам песни, оти се појавуваат после полноќ
Хрватскиот интерпретатор Петар Грашо првпат дојде во Прилеп. Му било задоволство што бил поканет да забавува сто илјади посетители на последната вечер од Пиво фестот годинава. Особено се радувал што пеел пред настапот на естрадната ѕвезда која доминира на овие простори три децении, Лепа Брена. Затоа уживал, заедно со публиката. Не крие дека очите му скокнале и од перформансот на Брена, оти неговата повозрасна колешка покажала како треба да се изведе ваков настап.
– Имате прекрасна публика и прекрасен градоначалник. Ви ја честитам 10 годишнината на фестивалот. Посакувам пак да се дружам со оваа публика, ако не порано, барем на 15 годишнината – вели Грашо.
Тој откри како компонира, што е изворот за инспирацијата и кога му доаѓаат музите за песни.
– Јас сум ноќен тип. Кога ги пишувам песните, не размислувам и не ги адресирам некому. Некои се наменети, а некои, едноставно, се појавуваат, кога функционирам после полноќ. Некои песни се од моето лично искуство, а некои се импресија од блиски луѓе. Песните не ги анализирам. Искрено, ми е страв. Едноставно, ги пуштам да течат по мое темпо – изјави Грашо по концертот на Пиво фестот.
Имал соработка со Лепа Брена во Сплит.
– Таа побара песна. Ü реков дека има повеќе композитори кои прават подобри песни. Брена рече дека не сака песна за Брена, туку песна од Петар Грашо. Тоа е квалитет на голем изведувач. Треба да се пушти душата и да излезе и да се покаже тоа во што си најдобар – кажа Грашо, кој, како што рече, имал комплициран љубовен статус.
– Ако сакав нешто да сочувам годиниве, тоа е мојот личен живот поради многуте озборувања. Затоа имам “мала планета”, каде не сум на сцена. Сé на сé, сум задоволен, оти имам луѓе кои ме сакаат и сум опкружен со нив – вели хрватскиот пејач.
Тој ја обелодени соработката со Тончи Хуљиќ и Горан Бреговиќ на албумот со медитеранскиот звук со етно елементи, што ќе излезе на крајот на годината.
– Тоа не е мој албум. Мојот ќе е в година. Не сум на некој изоден пат, па не брзам да го издадам албумот, бидејќи не сум некоја потрошна стока – заврши Грашо.
Хит од тенис
Брена вели дека случајно го сретнала Грашо на Дејвис купот во Сплит, кога ја договориле подготовката на песната “Куршум со посвета”.
– Од такво дружење се случи песна која, излезе како вишна на сладолед. Следеа подготовки со три режисери, костимографија и сценографија за белградската публика да го види. Жалам што публиката овде не можеше тоа да го види – рече Брена.