Пратеник на говорница. Распален, нервозен! Лут! Вика колку што го држи грлото! Не се согласувал со нешто. Вели дека имал сосема поинаков ДОЈАМ. Немаме впечаток дека му е јасно што значи зборот ДОЈАМ. И дали е наш, македонски! А не е наш. Нашиот збор е токму тоа – ВПЕЧАТОК. Во гневот се прават и повеќе грешки, но, тој, најверојатно, не знае дека тоа е грешка. Ја повтори многупати во своето излагање.
Друг висок политичар, не во Парламентот, објаснува за успесите во неговата работа, за постигнатите резултати. Вели дека резултатите биле МНОГУ ПОЗИТИВНИ. И тој, занесен во своето излагање за постигнатите успеси, повеќепати вели дека резултатите биле МНОГУ ПОЗИТИВНИ. А може ли да бидат МАЛКУ ПОЗИТИВНИ или ПОМАЛКУ ПОЗИТИВНИ?! Ако се дефинираат резултатите на таков начин, тогаш тие можат да бидат или ПОЗИТИВНИ или НЕГАТИВНИ. Не може да бидат многу или малку позитивни. Дури и во електриката велиме дека постои позитивен и негативен пол. Не може МАЛКУ ПОЗИТИВЕН, МАЛКУ НЕГАТИВЕН. Или едното или другото! Зар ќе речеме за некое дете дека е многу машко, а некое девојче многу женско?! Не може! Или е машко или е женско. Исто како што биле резултатите – или позитивни или негативни.
Слушаме редовно една грешка кога се работи за огревни дрва. Новинарите редовно употребуваат ОГРЕВНО ДРВО. Истото се случува и со македонските јагниња. Сме слушале дека МАКЕДОНСКОТО ЈАГНЕ се извезува во Италија. Како да станува збор само за едно јагне. И годинава слушнавме еден таков “бисер”. Новинарот вели: “Голем дел од МАКЕДОНСКОТО ЈАГНЕ е веќе извезен”. И што треба да разбереме од оваа реченица? Единствено тоа дека Македонија има едно јагне и голем дел од него (да речеме двата бута) се веќе извезени.
Што е тоа што ги тера нашиве новинари именката ДРВО и именката ЈАГНЕ да ги употребуваат како да се во множинска форма. Па, се знае дека луѓето купуваат ДРВА, а Македонија извезува ЈАГНИЊА, а не ЈАГНЕ. Може да се рече дека МАКЕДОНСКО ЈАГНЕ ќе се најде на италијанската трпеза, дека Италијанците за Велигден ќе јадат македонско јагне, но не може да се рече дека Македонија извезува ЈАГНЕ во Италија.
Сега е време на грабежи и на разбојништва. Еден новинар, објаснувајќи за еден таков грабеж, во еден момент вели: “Разбојникот ја извадил од главата ЦРНАТА ЧОРАПА”. Едно време, слушнавме дека Папандреу бил гаѓан со ЧЕВЛА, а еве сега и именката ЧОРАП (машки род) го смени својот пол и стана ЧОРАПА. Новинарот зборува и понатаму за грабежот, за разбојникот што ја извадил ЧОРАПАТА од главата. Ни соопштува тој дека на истиот разбојник му се ПРЕПИШУВААТ и многу други такви разбојништва.
За матичните лекари, слушаме мошне често, дека ПРЕПИШУВААТ лекови. Се разбира, погрешно. Докторот пишува рецепти или ПРОПИШУВА терапија, а ништо не ПРЕПИШУВА. Еве сега слична грешка. На разбојникот му се ПРЕПИШУВАЛЕ и други дела. Нему можат да му се ПРИПИШАТ други дела, а не да му се ПРЕПИШАТ.
Во емисија за деца, водителката собрала околу себе повеќе дечиња. Фаќа за рака едно девојче и вели: “Моника е ТУКА со мене ТУКА во СТУДИОТО”. Редовна грешка од скопските телевизии. Наместо: “Моника е ОВДЕ со мене, ОВДЕ во СТУДИОВО”, таа заборава дека постои прилог за место – ОВДЕ а емисијата е за деца.
Била пронајдена и запленета марихуана. Новинарот не извести, но уште не се знаело ЧИВА е.
На нашиот национален сервис (МТВ) се емитува реклама во која повеќепати го слушаме зборот КУПАТИЛО. Во скопскиот говор глаголот СЕ БАЊА е многу позастапен од глаголот СЕ КАПЕ. Зошто тогаш КУПАТИЛО, кога треба БАЊА?! КУПАТИЛО е српска именка изведена од глаголот КУПАТИ СЕ.
Еден мошне познат новинар, изреволтиран за некои состојби, вели: “Не може секоја “БИТАНГА” да биде доктор и секоја АЛАПАЧА, новинар”. Убави изрази одбрал! Дали се македонски, тој не мисли многу и во други слични ситуации. Да речеше барем и тоа дека од секој неписмен човек, новинар не бидува.
Благоја Ивчески