Лепа Брена
– Подготвува документарен филм и монографија
– Прилеп меѓу ѕвездите со Бир – фестот
– Бидејќи “шпартам” по земји, се штрекнав кога го видов стадионот во Прилеп, каде пеев во осумдесеттите години
По спектакуларниот двочасовен концерт на последната вечер на десетиот фестивал на пивото, естрадната ѕвезда на поп – фолкот, која владее со балканските простори речиси 35 години, Лепа Брена, беше говорлива со медиумите. Годините í одминале, но шармот и темпераментот на весела и непрепотентна и скромна жена на сопругот Бобан Живоиновиќ останале да ја красат и покрај популарноста. Не се виде знак на ароганција, без поглед во часовникот, иако веќе беше близу три по полноќ, посвети време за одговори на неограничен број прашања.
Со витата става, мајката на три деца на 52 години со потекло од Босна и со името Фахрета Јахиќ, првин изрази благодарност на Прилеп и на градоначалникот Марјан Ристески, но и на помладиот колега од Хрватска, Петар Грашо.
– Стар патник сум. Пеев на стадионот во Прилеп во осумдесеттите години. Тоа време беше прекрасно и импресивно. Но, ова што сега Прилеп го прави со Бир – фестот, односно Фестивалот на пивото, го крева меѓу ѕвездите. Ова е престижен фестивал на кој не уживаат само граѓаните на цела Македонија, туку и пејачите и музичарите. Затоа дошле доста луѓе од Австралија, Америка, Грција… Им честитам на сите кои манифестацијата ја направиле интернационална вечер на пивото. Во тоа име “живели” и посакувам овој фестивал да продолжи, без да нé заборавите. Па повикајте нé повторно – рече Брена.
Се потсети кога пеела пред дваесетина илјади гледачи со групата “Слатки грех” на стадионот во Прилеп. Не паметеше дека имала концерт и во Универзалната сала.
– Тоа беше одличен период од мојот живот. Но, кога ќе добиете дете, сé се менува. Бидејќи “шпартам” по земјава, се штрекнувам кога ќе го видам стадионот. Имам повеќе време да се обѕрнам на мојата 10 годишна кариера во Југославија. Живеев по автобуси, хотели, стадиони и сали. Се потсетив на градовите, кои повеќе ме врзуваат за луѓето, а не за градбите. Без разлика на местото, пак ќе пеам, може и во двор. На пејачите, публиката им е најголемиот капитал, и со тоа се гордееме – рече Брена.
Кажа дека планира турнеја во Америка, на концерти и промоција на новиот албум.
{vsig}PRAZNIK/215/pivofest{/vsig}
– Се носам со идеја за подготовка за документарен филм и монографија. Не сакам мојата 30 годишна кариера да се памети само по жолтиот печат, некои мини здолништа и гаќички. Сакам да ме паметат, како личност која оставила траги на срцето и која влијаела на многу генерации со својата песна. Сакам да ме знаат како вистински професионалец – откри Лепа Брена.
Новинарите ја прашаа Брена како ги одржува најубавите нозе на Балканот со годините.
– Кога имав помалку од 40 години, не ми значеше многу кога некој ќе ми ги пофали нозете. Меѓутоа, сега, кога имам деца и сум повозрасна, тоа е прекрасен комплимент – се насмеа Брена и додаде:
– Суштината на мојот живот е умереноста. Мојата “шифра” е медитеранската исхрана. Поборник сум и на физичко вежбање. Прво ми беше чудно, кога младите ѕвезди кажуваа дека вежбале јога, па јаделе само вегетаријанска храна. Сфатив дека морам да бидам малку “фенси” ( модерна) и да се придржувам на тие работи. Морам да водам сметка за правилна исхрана и да вежбам. Инаку, растев, јадејќи белградска храна, па еве како израснав – не го сокри Брена рецептот на витката става.
Мојата музика не е турбо фолк туку е поп фолк, и јас се поиграв со жанрот. Таа реагираше на констатацијата дека е првата турбо – фолк пејачка со песната “Чачак, Чачак…”.
– Тоа не е турбо – фолк, туку поп – фолк. Тука има разлика. Тоа го знаат музиколозите. Слушав севдалинки, хрватска, македонска етно музика. Тоа е вметнување на фолклорни елементи во поп музиката. Единствено, чудно беше што поставив нов пат, што се сменија шаблоните, по кои некој треба да пее и како треба да изгледа. Сфатив дека одам по пат што ќе биде специфичен, во кој сакав да внесам љубов, радост и искреност. Секогаш бев своја и оригинална – рече Брена.
Неизвесно филмско продолжение
– Ја најавувавме приказната за продолжение на играниот филм “Хајде да се волимо 4”, ама со финансиската криза и пиратеријата, ќе мора да се почека. Овие филмови чинат некаде околу два – три милиони евра, што не се пари за фрлање – рече Брена.
Без “Југословенка”
Брена не го испеа хитот “Југословенка”. На прашањето зошто, одговори:
– Песната “Југословенка” не беше проблем од некој политички аспект, туку од 40 песни, моравме да избереме некои. Ако инсистирате, ќе ја испеам без проблем на следниот настап – кажа Брена.
Таа соопшти дека в годинава ќе има концерт, како тој во Темишвар (Романија) пред 20 години, кога слета со хелихоптер на стадионот.
– Имаме многу проблеми, со водена трева, па шлеперите не можат да поминат, оти би ја уништиле дренажата. После реагираат спортските тимови. Затоа проектот е префрлен за идната година. А, ако некој ме повика во Москва, веднаш би пошла таму на концерт – рече Брена.