Објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.
ЛЕТ БРОЈ 21 (5)
Колку време се познаваме?! Знаеш ли колку малку знаеш за мене… Или да бидам попрецизна, знаеш ли дека ни ти и никој друг не знае нешто за мене. Не вели ништо, знам. Јас сум таа која себе си се забарикадира со непробоен штит. Тоа можеби е и подобро, отколку што мислиш дека е. Но…, сега кога веќе никој не се труди силно да го урне и да стигне до мојата осаменост, внатре веќе не можам сама. Знаеш, Игоре, јас сум вљубена. Ха, ха, ха можеш ли тоа да го замислиш… Да ќе ти кажам и во кого. Во еден глупав и премногу глупав оглас. Добро слушна – оглас, а не човек. А тој оглас или пак, да претпоставиме, човек, кој веројатно сама го измислив и, нормално, ненормално, се заљубив се вика или, да бидам по точна, има шифра “закопано богатство”. Можеш слободно да ме сметаш за луда, зашто веројатно сум навистина луда. Седум месеци испраќам шифрирани писма, пораки, исти такви добивам. Можеш да замислиш каков човек сум нашла – вистински, каков што сакав. Висок, црн, вреден. Интелектуалец, се разбира, правник. Ги сака истите работи што ги сакам јас. Тој ме сака, и јас го сакам. Има само еден проблем… Јас постојам, еве ме тука сум…, а него го нема. Веројатно никогаш и не постоел. Знаеш, можеби токму вечерва сфатив дека колку сум луда, толку сум и глупава. Да, колку добро звучи “глупава интелектуалка со широки познавања бара љубов преку оглас”. Ха,ха ха, добро, нели! Тотално понижувачки. Ќе ти верувам ако не можеш да поверуваш. Можеби не ми стои, но тоа го сторив, Игоре. Има и уште нешто. Пред два дена бев на аеродром, да ја пречекам, мојата љубов, моето закопано богатство. Претпоставуваш што се случи? Тој не дојде зашто и нема кој да дојде. Станав жртва на некоја изопачена пубертетска игра. Да, некој своите фантазии ги нуди во весник, а јас, Елизабета Вајс, образована зрела жена, правник, “тежок плен” за оние кои ме знаат или чуле за мене, сум глупава гуска и ништо повеќе. Елизабета почна пак да плаче. Овојпат силно и гласно. Не се грижеше што ќе ја наруши тишината. Не се грижеше што го отвори конечно своето срце. Игор ја стави својата јакна врз нејзините рамена. Без збор ја стегна над лактовите и ја бакна нејзината развеана коса. Низ солзи Елизабета прошепоти: Иако не постои, јас го сакам онаков каков што е. Веројатно сама го создадов. Првпат по толку години повторно сакам Игоре, го сакам дури повеќе отколку што го сакав Ален. Тоа уште повеќе ме боли.
Како времето да застана, тишината стана посилна. Елизабета ги избриша солзите од очите и се сврти. Немаше никој. Се обѕрна неколку пати околу себе, очекуваше да го здогледа Игор. Беше сосема сама на Големата плажа. За миг не беше сигурна за неговото присуство тука. Ја утеши јакната која ја забележа на своите рамена. Ги зеде чевлите во рацете и потрча. Овојпат дома…
Викендот го помина дома во депресивно расположение.Тоа што ја “држеше” беше работата. Успеа да сработи работи кои без брзање би ги средувала следните две седмици. Не одговараше на телефонските повици, а имаше и доволно време да го суреди станот. Направи некои измени во дневната соба. Во понеделникот стаса прва во канцеларијата. Чекајќи ја Сузана, го подготви дневниот работен налог и свари кафе. Пиејќи го, ги преслуша телефонските пораки. Меѓу другите се јавил и Игор. Му беше благодарна што не ја спомнал средбата на плажата. На вратата од нејзината канцеларија се појави Сузана. Насмеана до уши и очигледно доста изменета. Елизабета зина да ја поздрави, но таа ја претекна:
– Мораш да признаеш дека изгледам “страшно”?
– Сузана, јас сум импресионирана, неверојатно, на што се должи ова?!
– Ова значи дека пред вас е една нова Сузана, која повеќе никој не може да ја скрши. Би те заморила со ситници, па затоа ќе направам еден груб пресек. Мојот љубен принц го фатив како ме мами. Два часа бев како мртва, повредена и бесна, а останатите 24 часа уживав. Бев во најдобрите салони во градов, ги пробав најдобрите третмани. Најпосле ја променив и фризурата. Да знаеш како добро се чувствувам. Како пак да сум се родила. Овојпат ќе внимавам кому му отстапувам дел од мојот живот.
Елизабета неодредено ја гледаше неколку мига:
– Имаш нешто планирано за попладнево? – ја праша.
– Не, зошто?
– Би те молела за една услуга… Ќе сакаш ли на сите тие места да ме одведеш и мене…
Сузана, беше изненадена. Ја гледаше со ширум отворени очи. Нешто не е во ред?! – несигурно ја праша…
– Можеби… важи ли договорот?
– Да, важи промрмори Сузана, гледајќи ја “бело”.
– Не мислев дека ова ќе ми се случи. Ти си перфектна. Што ќе менуваш…?
– Само сакам да се чувствувам подобро Сузана. Токму како ти. Мислиш ќе успеам?
На Сузана и светнаа сините очи.
– Сигурно ќе ти успее, но само под еден услов!
Елизабета климна со главата.
– Шефице, попладнево ќе ти бидам газда, подготви се за третман “А-ла Сузана”. Успехот е загарантиран…
продолжува …