
Филип Петрески, седмоодделенецот од ОУ “Блаже Конески”, е неприкосновен на пиедесталот на натпреварите за хармоника. Со професорката Кети Милеска од музичкото училиште одат директно во епицентарот на хармоникашките збиднувања – во Србија и Босна и Херцеговина. Речено е “ако минуваш во Србија не свири, ама ако минуваш низ Македонија, нит свири, нит пеј”, затоа што подобри во тоа ни нема. Со Милеска, Филип не знае за неуспех. Реди, што меѓународни, што државни награди две години. Секогаш прв. Годинава бил во Смедерево да го освои првото место, па Аранѓеловац, каде го “занемил” жирито. Ја “покосил” Србија, кинисал да ја овојува Бјелина, Република Српска. Таму бил втор.
На државните натпревари, лани освоил две втори места, затоа што уште не бил “влезен во колосек” со новата професорка. Најчесто ги свири Бах, Белушицки и Чајковски. Вежба по 3 – 4 часа неделно, дури и лете, а “хармоникашката зараза” ја стекнал на осумгодишна возраст.
![]()

