ЗАПАЛЕН ПИВСКИОТ ФАКЕЛ

Сношти почна четиридневниот празник на пивото                                                      

Градот веќе е во пивски “пламен” на десеттото издание на Пивофест. Факелот на славата на пивото од кој ќе гори до в недела вечер го запали градоначалникот Марјан Ристески, кој на посетителите им посака луда забава и пивофикација, фрлајќи рекламни маици и капи од сцената со мотото “тотална пивофикација”. Како со квасец замесена, збувна врелата малиганска атмосфера со свирките  на групите Дубиоза Колектив од Б и Х, С.А.Р.С. од Србија и Conquering Lion Македонија. Импресивната сцена  со екрани и монитори , со квалитетниот моќен звук, чиј бас ги лулаше посетителите во стомакот, не остави никој нерасполжен. Ведрината и расположението, забавата без граници на првата фестивалска вечер досигна врв со регето на Ras Zachari од Јамајка.

Мераклиите на пивото ги празнеа криглите една по друга, замезени со специјалитети на скара. На штандовите на триесеттината пиварници и нивни дистрибутери се пееше и се танцуваше рок и диско, чочек и оро, додека река ведри и насмеани лица течеше од сите страни и го окупираше секое парче од центарот. Сите патишта водеа кон Прилепско, Скопско, Лашко, Кенбах, Каменица… Градот е во пивска “зараза”. Уште за сефтето немаше игла кај да се фрли.

– Ладното точено пиво е мелем за разладување од пеколните горештини. Порано фативме место. Не понесе пивската еуфорија. Ќе се забавуваме до мугри  – велат дел од гостите.

Локалната самоуправа соопшти дека градот е спремен да дочека неколку стотина илјади гости.

{vsig}PRAZNIK/214/galerija{/vsig}

– Сместувачките објекти се полни. На сите со волја да уживаат во слатко-горчливата пивска пена им препорачуваме да ноќеваат на бесплатниот камп на паркот за револуцијата. Ќе ги почестиме со утринско бесплатно кафе. Оние кои ќе претараат, на располагање им е салонот за релаксација и масажа и шаторот за оксигенација. Ако нема легло во Прилеп, има во соседните Битола и Крушево. Обезбедивме паркинг за над 20 илјади автомобили. За оние кои имаат помалку време, Македонски железници организира вонредни композиции возови од Скопје и Битола за Прилеп и за заминување по два часот по полноќ – објаснија организаторите.

Градоначалникот Ристески најави средба со претставници на локалните власти на грчкиот град Драма, кои собирале искуства за организирање на пивска фешта во нивниот град.

– Имаме проблеми со името, ама по прашањата за забавите се сложуваме – рече Ристески

Таткото на градот ги повика на средба в сабота на штандот на Прилепската пиварница, сите прилепски иселеници, кои одморот во користат дома за време на Пивофестот, да разговараат за можностите за поголема афирмација на фестивалот во нивните работни и животни средини и за откривање на допирни точки за економска соработка со родниот град.

Се очекуваат околу 350 илјади посетители, од целиот Балкан и пошироко, како и нашите иселеници по светот за да бидат дел од четиридневната фешта. 

Loading