ВЕСЕЛА И УРНЕБЕСНА КОМЕДИЈА

В среда премиера на “Од кол на кол 2”

“Од кол на кол 2” во режија на Коле Ангеловски е новата претстава која ЦК “Марко Цепенков”, премиерно ќе ја прикаже в среда, 18 јули, од 21 часот, за манифестацијата “Цело лето – културно лето”. Претставата финансиски целосно ја покрива ЦК. Таа е продолжение на “Од кол на кол”, која доживеа над 70 изведби. Режисерот Коле Ангеловски за Зенит вели дека прилепчани ќе имаат можност за уште едно уживање и смеа.

Зошто продолжение на ,,Од кол на кол,,?

Првиот дел постигна голем успех не само за прилепски, туку и во македонски рамки. На репертоарот е четири – пет години, плус се бара билет повеќе, кога се игра. Втората причина е пронајдувањето на продолжението на првиот текст. Речиси се исти ликовите, плус двајца млади. Тоа беше добра основа за нова претстава, без големи трошоци, а со истата екипа. Текстот е многу смешен. Кога го преведував направив адаптација, која одговара и е продолжение на она што се случуваше во првиот дел. Некако направивме домашна атмосфера, претстава која ќе функционира.

Каква претстава ќе гледаат посетителите?

Весела, позитивна и “откачена” претстава. Се забавувавме додека ја подготвувавме. И публиката ќе се забавува. Претставата е брза и комична. Вклучена е истата екипа која играше и во претставата со двајца од помладите актери.

Зошто повторно Реј Куни како автор?

Куни е автор од англиско потекло и има напишано големи комедии, кои повеќето сум ги режирал најмногу во прилепскиот театар. “Од Кол на кол 2”, како и претходната е праизведба во Македонија. Досега не е играна.

Прилепскиот театар некако Ви “легна” на срце. Поставивте над 20 претстави. Што Ве влече тука, на овие штици?

Горд сум затоа што по Драмскиот театар најмногу претстави сум работел во Прилеп. Во книгата напишав дека како млад  мечтаев дека ќе работам во театри со сите модерни технички услови. Никогаш тој сон не ми се оствари. Во прилепскиот театар пак нема ништо од тоа, но има нешто што го нема во ниту еден друг театар. Има душа, атмосфера за работа. Луѓето кои се вклучени во секојдневната работа, играат, го сакаат театарот, ја сакаат професијата. Во сите досега режирани претстави не ми се случило да се скарам со актер. Секогаш имало дружба. Со смеа, со вицеви ги подготвуваме претставите.

Приказна за таксистот со две жени

Претставата “Од кол на кол2” е приказна за таксист, кој освен што има две жени и живее во два различни стана, има и две деца околу кои  се вртат настаните. Изборот на сценографијата и костимите е на режисерот Ангеловски.

Играат актерите Најдо Тодески, Трајче Иваноски, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Цена Чавлеска, Влатко Ѓорѓиоски и Наташа Наумоска.

Loading