СПОМЕНИК ЗА ГАЈДАЏИЈАТА ПЕЦЕ

      

Општината му се оддолжи на големиот македонски гајдаџија Пеце Атанасоски. Во центарот на градот постави споменик во бронза, дело на скулпторот Емил Солески, за 38. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни, што го носи неговото име. Духот на Пеце е меѓу нас. Неговото дело е сестрано, оти ги величи македонските фолклорни традиции. Му се оддолжуваме  – рече градоначалникот Марјан Ристески. Семејството на гајдаџијата, кој низ светот ја прослави Македонија вели дека татко им изградил споменици на македонската култура во светот.

– Сепак и овој е меморијал за македонштината, да потсетува на заветот на предците за одржување на традицијата од каде влечеме корени – рече Весна Атанасоска Вучиќ, ќерка на Атанасоски и извршен директор на Фестивалот.

За авторот Емил Солески било предизвик да го изваја Пеце Атанасоски. Вели дека од дете се воодушевувал од перформансите што ги правел на гајда во КУД “Мирче Ацев”.

– Не беше тешко да се долови ликот, како од реален така и од уметнички агол – рече Солески.

На фестивалот учествуваа над 200 учесници кои свиреа на гајда, кавал, тапан, пееја македонски изворни песни. Гран при наградата ја освоија музичарите од ФМУ при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, додека наградата “Гајдата на Пеце” ја понесе Зоран Богдановиќ од Србија.

 

Loading